Поглед
Се тресеше гората...
Гордана Дувњак
Очекувањата дека појавувањето на новиот сведок ќе фрли нова светлина на атентатот врз тогашниот шеф на државата, Киро Глигоров, се покажаа јалови. Излезе дека исказот на поранешниот вработен во ДБК, кој тврдеше дека тој е автор на спорната фотографија снимена ден пред атентатот, како и посочувањето конкретни имиња на некои негови колеги кои наводно биле инволвирани во овој случај, се – ќорци. По направените проверки од МВР, Обвинителството конечно соопшти дека бил лажен исказот на сведокот. А со тоа ја исклучија и можноста за вмешаност на домашни безбедносни служби, дури и на ниво на логистичка поддршка на атентатот.
Единствена добра работа од целата оваа епизода е што прв пат дознавме некои детали кои не и' беа досега познати на јавноста. Името и презимето на оној германски професор, пасиониран фотографски аматер, кој сликајќи наоколу македонски туристички дестинации за спомен, не знаејќи стана многу битна фаца во истрагата. Разбравме дека бил многу вреден и направил дури 64 фотографии, а не една, па дури и дека самиот се сликал пред фамозното „ами 8“.
Обвинителот Шврговски не беше дециден дали „лажниот сведок“ ќе заработи кривична пријава. Доколку неговиот исказ е невалиден, логично е оној што не ја кажува вистината и да одговара за тоа. Во спротивно, и овој случај ќе се обвитка со превез на мистерија. Половината од луѓето ќе мислат дека државните служби сакаат да ја замачкаат работата, другите, пак, ќе тврдат дека инволвираните прават свесна манипулација и конструкции.
Во земја како Македонија, каде што на сите несреќи со политичка конотација се гледа скептично и фаталистички, тоа и не е чудно.
Но, поважно од ваквите шпекулации е што атентатот и по 13 години останува енигма. |