Каменица гледа со страв кон иднината
На рудникот „Саса“ му даваат уште 12 години. Што ќе прават потоа жителите на рударското гратче
Иван Бојаџиски
Каменица – Рудникот „Саса“ ќе работи најмногу уште дванаесет години. Таква изјава доаѓа од раководството на најдобриот и најпрофитабилниот рудник за олово и цинк на Балканот. И додека меѓу жителите од рударското гратче постои страв од иднината, рударски и геолошки стручњаци ценат дека место за паника нема, но само под услов на случајот да почне да се работи уште од денес.
„Лично мислам дека со сегашното темпо и со начинот на вадење руда од јамите на ’Саса‘ рудникот нема да живее ниту дванаесет години. Но, тоа е само еден од проблемите што му се закануваат на рударскиот град како можност за исчезнување.
Најголем проблем е тоа што на подрачјето пребогато со руда воопшто не се работи на подготовките за експлоатација на нови рудни резерви, кои би биле ставени во функција откако постојните ќе бидат исцрпени“, вели Марин Александров, доктор на геолошки науки, еден од најценетите европски геолози, кој долго време беше главен геолог во овој рудник и ги знае сите негови вредности, а сега работи за странска компанија што истражува нови рудни лежишта во Македонија.
Според него, дванаесет години се веќе утре. На тој дел од Осоговијата има рудни резерви што овозможуваат „Саса“, со една контролирана и во исто време економски исплатлива и профитабилна експлоатација, да работи и во наредните најмалку сто години. „Ако не се постапува во таа насока тогаш Македонска Каменица ќе се најде пред прашањето на својот опстанок, бидејќи целиот економски и социјален живот во оваа општина се темели на монопроизвод, односно на капацитетите на ’Саса‘“, нагласува Александров.
Тој е еден од оние експерти што тврдат дека во „Саса“ се експлоатираат само деловите најбогати со метали, додека оние со послаби содржини се занемаруваат. Тоа, според него, носи високи профити и ја вбројува „Саса“ меѓу петте македонски компании со најголема добивка во минатата година, но другата страна на медалот е содржана во фактот што таквата експлоатација битно влијае на намалувањето на животниот век на рудникот.
„Во ’Саса‘ има и еден друг феномен, а тоа е фактот што таму исклучително малку се работат истражно–подготвителните работи, па и поради тоа инвеститорот нема многу трошоци и остварува високи профити“, тврди овој експерт.
Најголемите геолошки истражување на ова подрачје се правени во периодот 1970-1985 година. Биле извршени геофизички работи и било докажано огромното присуство на олово и цинк на подрачјето на Осоговските Планини. Тие истражувања овозможиле рудникот да работи од 1966 година досега и да има иднина под услов со него рационално да се стопанисува.
Дека овој рудник има перспектива за наредните сто години тврди и Љупчо Трајковски, до неодамна рударски инспектор, кој во седумдесеттите години беше и управник во „Саса“. Тој, за разлика од Александров, тврди дека актуелниот сопственик на „Саса“ водел и води политика на правилна експлоатација на минералните суровини и оти високите профити биле резултат на големите вложувања на оваа компанија и на добрите цени што оловото и цинкот ги постигнуваа на берзата.
„Постојано се говори за начинот на кој се врши експлоатацијата на рудното богатство во овој рудник и се изразуваат сомневања во насока дека се експлоатираат само најбогатите делови со метали. Пред две години во Министерството за економија дојде рударски стручњак, кој порано работел во овој рудник, и побара да се изврши увид во однос на оваа проблематика. И овој стручњак на самото место се увери дека нема ништо спорно во однос на ова прашање“, појаснува Трајковски. Конечно, секако дека и за сегашниот инвеститор е поисплатливо да работи на зголемување на векот на рудникот со отворање нови јамски простори, бидејќи купувањето и активирањето нови рудници на други места е многу сложен и скап процес, појаснува нашиот соговорник.
Градоначалникот на малата рударска општина, Дарко Митевски, вели дека и тој е загрижен за иднината на општината доколку рудникот престане да работи во 2022 година. „Ние немаме друга стопанска база, па во прашање се доведува иднината на 8.810 жители од нашата општина. Пред рестартирањето на рудникот голем број млади заминаа на работа во странство, а новиот старт на ’Саса‘ покажа дека овој капацитет е темел на севкупниот економски и социјален живот, дека за него, едноставно, нема замена. Општината од рудникот, на име концесија, добива пари во висина од 60 проценти од нашиот општински буџет, што доволно говори дека без ’Саса‘ општината нема иднина. Како градоначалник ќе барам од Министерството за економија да ја оцени состојбата и да се најде начин рудникот да живее и во наредните сто години, бидејќи за тоа постои основа“, вели Митевски.
Разговаравме и со десетина граѓани за најавениот крај на „Саса“. Група млади момчиња велат дека ќе ни дадат изјава, но без име и презиме.
„Во нашето гратче има само 2.000 жители, сите други заминаа на работа во странство. Во нашите згради и куќи свети само по една светилка. Само за Богородица за Италија заминаа 300 млади луѓе, а се вратија само педесетина. Младите заминуваат, бидејќи во ова место има живот само за вмровци, градоначалникот е биро за вработување, тој кажува кој и каде ќе се вработи, во рудникот се примаат само лица од списокот на Митевски. Не смееме да зборуваме со име и презиме, бидејќи на 2.000 луѓе имаме 70 полицајци, па само ако кажеш нешто против неправдите веднаш ќе имаш проблеми, ти или твоите блиски. А за рудникот, па и врапчињата во Каменица знаат дека газдите се тука за во колку што е можно покус рок да соберат што повеќе пари и да фатат магла, да најдат некои други кокошки што на вака мизерен начин ќе можат да ги искубат, а притоа државата да не води сметка за своите граѓани“, со видна доза на револт зборуваа овие млади луѓе.
На друга локација разговараме со стар познаник, кој во најдобрите години на рудникот и на градот беше еден од позначајните стручњаци, а сега е пензионер. Човекот ја знае проблематиката и вели дека ако газдите не инвестираат во нови рудни наоѓалишта, со сегашното темпо на експлоатација, нема шанси „Саса“ да работи повеќе од седум-осум години.
„Тоа за овој крај ќе биде катастрофа, нас ќе не' снема, бидејќи ќе нема од што да се живее. Овде премногу се говори за лошата експлоатација на рудата и некој од државата мора да го провери тоа. Во социјализмот имаше седум услови што мораше да ги исполнува рудникот, меѓу нив и социјалниот елемент, но и политичкиот во кој спаѓаат опстанокот и развојот, односно среќата на населението во општината. Овде не смее да се работи само за интересите на инвеститорот, туку и за иднината на цела една општина. За тоа државата мора да има ингеренции, да поведе сметка“, ни рече овој човек. (И.Б.) |