Виш управен суд без пари
Како мисли министерот Маневски да ги плаќа идните виши управни судии, стручните соработници, материјалните трошоци...
Гордана Дувњак
Надлежните немаат никаква анализа колку би чинело формирањето на новата судска институција - виш управен суд. Ваквата процена ќе биде оставена на Судскиот совет, кој ќе има дискреционо право тоа да го направи на своја рака, но дури откако ќе се донесе формална одлука и се изгласаат законските измени во парламентарниот дом.
За да биде апсурдот уште поголем, во измените на Законот за судови што ги предлага Министерството за правда, а кои веќе го поминаа првото собраниско читање, во делот кој се однесува на финансиската импликација е запишано - нула. Прашање е како мисли министерот Михајло Маневски да прави нова судска институција без пари. А, уште повеќе како мисли да ги плаќа идните виши управни судии, стручните соработници, останатиот судски персонал, материјалните трошоци и кириите. Колку за груба споредба, месечното функционирање на постојниот управен суд е околу 77.000 евра месечно, или околу 925.000 евра годишно. Само за платите на судиите и судската администрација, како и за материјални трошоци, од Судскиот буџетски совет се издвојуваат околу четири милиони денари, или повеќе од 65.000 евра. Кириј��та, пак, што Министерството за правда и' ја плаќа на „Македонска пошта“ за користењето на двокатниот објект во центарот на градот изнесува околу 700.00 денари месечно или 11.000 евра.
Експертите веќе се произнесоа дека во време на криза не е паметен потег да се формира нов суд, кога и постојните судови имаат недостиг од средства. А, уште повеќе кога постојат и други алтернативни можности за обезбедување двостепеност на управните спорови, кои би биле не само поефикасни, туку и поевтини.
Како што дознаваме од владини извори, идејата за виш суд што ја турка министерот Маневски не наидува на големо одобрение ниту во Кабинетот на премиерот Никола Груевски. Најжесток противник бил токму првиот финансиер во државата, Зоран Ставрески, кој сметал дека формирањето нов суд е непотребен удар за државната каса. Сепак, пресекол премиерот Груевски, кој ги прифатил аргументите на министерот за правда дека проектот е веќе обелоденет и не можат да се враќаат назад.
Првиот човек на Судскиот совет, Васил Грчев, признава дека не постои никаква анализа околу тоа колку ќе чини формирањето на вишиот управен суд, а уште помалку колку судии ќе работат во него.
„Тоа ќе се направи дополнително кога ќе побараме податоци од Врховен суд за тоа колкав е бројот на предмети што сега се во работа по жалба во овој суд, по одлуката на Уставен суд, кој овозможи двостепеност“, вели Грчев.
Претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски, е приврзаник на тезата дека највисокиот суд не треба да се занимава со управни предмети и оти треба да им се посвети на другите свои надлежности. А, тоа се градење начелни правни ставови, изедначување на судската практика.Тој вели дека не случајно било одлучено да се формира управен суд, бидејќи еден од главните аргументи бил највисокиот суд да се ослободи од баластот на управни предмети.
„По одлуката на Уставен суд во декември минатата година свикавме општа седница на која донесовме заклучок дека одлучувањето по жалба мора да го врши само Врховен суд. Во моментот на управни предмети работат пет судии што се ангажирани во тричлен совет, кои во исто време работат и на предмети од граѓанска материја“, нагласува Вангеловски и додава дека овој факт влијае и на ефикасноста во другите области.
Од почетокот на годинава, па заклучно со вчерашниот ден, во Врховен суд се пристигнати 878 жалби на пресуди на Управниот суд, од кои 410 предмети се решени.
Вангеловски смета дека постојат три варијанти како да се надмине овој проблем. Прво, да се зголеми бројот на врховни судии што ќе работат на овој вид предмети во највисокиот суд, втората можност е да се формира двостепен жалбен совет во рамките на Управниот суд или, пак, предложената варијанта - да се формира нова судска институција.
Првиот човек на највисокиот суд спасот го гледа и во корекција на судските такси, кои, според него, се минорни и изнесуваат 600 денари за тужба до Управниот суд, а 1.000 денари за жалба до Врховен суд.
„Странките буквално си ја испробуваат среќата, иако не се убедени во позитивниот исход. Со мала интервенција во Законот за судски такси, сигурно би се намалила проточноста и би се редуцирал бројот на жалби, без да се нарушува принципот на достапност“, вели Вангеловски, кој смета дека реалната сума би требало да биде меѓу 6.000 и 10.000 денари.
Професорката по управно право, Ана Павлова-Данева, е категорична дека формирањето нова институција, која би се плаќала од државниот буџет во услови на економска криза е непожелно. Таа оценува дека предложениот модел не постои во компаративното право и не бил ниту предложен ниту поддржан од меѓународни стручњаци. |