Фармерите се заканија дека ќе ги остават млекарниците жедни
Битола - Битолските фармери се заканија дека доколку цената за литар сурово млеко е пониска од 29 денари, ќе ги остават млекарниците без капка млеко. Сточарите поставија ултиматум до млечните индустрии во државата и до Владата - доколку до 28 август не ги регулираат откупните цени, стапуваат во генерален штрајк. Најавуваат дека млекото ќе го истураат по улиците, но и дека ќе ги блокираат и млекарниците. Со ваквиот став се согласиле и другите фармери во државата на завчерашниот состанок во Скопје, откако во изминатите три месеци големите млечни индустрии самоволно ги намалиле откупните цени за литар сурово млеко дури и за 10 денари. Така, ако до мај за литар исплаќале по 25 денари, сега цената паднала на 15 денари за литар.
„Млекарниците си играат со нас, а Владата молчи. Откупната цена на млекото не смее да биде пониска од 29,37 денари. Ова е ставот што го постигнаа фармерите на ниво на држава. Но, не е само цената во прашање, туку и нередовната исплата, но и непочитувањето на државниот правилник за процена на квалитет“, изјави Драги Нечевски, претседател на УО на ФФМ.
Пелагониските фармери обвинуваат дека млекарниците дополнително ќаруваат на нивната мака, со тоа што веќе трет месец не им ги исплаќаат парите за млекото што го предале. „Не само што ни скратија речиси за половина од цената на млекото туку тактизираат и не сакаат да си го намират долгот кон нас“, вели Душко Илиевски, сточар од Битола.
Поради големите загуби во последните месеци, фармерите се закануваат дека единствена алтернатива им останува да ги продадат кравите и за половина да го намалат сточниот фонд.
„Ќе ги продадеме кравите, ако можеме ние да работиме без ќар, тогаш ќе можат и тие да работат со загуба. Млекарниците уште сега знаат што значи тоа. Двете битолски млекарници ИМБ и ’Идеал шипка‘, како и шведската млекарница, последните недели заедно откупуваат околу 200 тони млеко и лажат кога тврдат дека поединечно откупувале по сто тони млеко. Кога може ние да пропаѓаме, тогаш нека пропаднат и тие“, вели Спасе Илиовски, фармер од битолското село Вашарејца.
За фармерите се' уште е нејасна одлуката на УЈП кој да го плати персоналниот данок за предаденото млеко, дали производителите или преработувачите. (А.Б.)
|