На браната „Мантово“ ќе никне туристичка населба
За реализација на проектот Владата обезбеди еден милион денари
Иван Бојаџиски
ШТИП - На брегот на вештачкото езеро „Мантово“ најдоцна за една година ќе никне туристичка населба, со капацитети за одмор и за рекреација. За реализација на оваа идеја Владата, преку Министерството за транспорт и врски, обезбеди еден милион денари. Општина Конче со овие пари треба да изработи детален урбанистички план за изградба на новата туристичка населба на езерото „Мантово“. Проектот го подготвува Агенцијата за просторно планирање на Македонија.
„За потребите на оваа капитална инвестиција ќе се урбанизира простор на вкупно 23 хектари. Проектот предвидува изградба на индивидуални куќички за одмор, хотели, трим-патеки, спортски терени. Заинтересирани има уште сега. Не е мал бројот на бизнисмени, но и на граѓани што прашуваат кога ќе може да се купи плац. Наша идеја е овој простор да прерасне во едно од најатрактивните места за одмор преку лето”, вели градоначалникот на Конче, Стојан Лазаров.
Вештачката акумулација „Мантово“ е на територија на општината Конче. Од Штип и од Радовиш до езерото има само по 25 километри. Од двата града до вештачкото езеро остана неасфалтирана делница од 6,8 километри од која 4,5 километри е пат до Штип, а другото е на територија на Конче. Градоначалникот Лазаров вели дека тие обезбедиле пари од Светска банка за асфалтирање на нивниот дел од патот, а дека тоа треба да финализира годинава. Подготвеност со странски донации да го гради и својот дел од патот изразила и Општина Штип. Но, локалните власти очекувале прво да го видат проектот за да бидат сигурни дека работата е сериозна.
Инаку, Општина Штип и управата на „Мантово“ се во перманентна кавга по прашањето на испуштање води од оваа брана за одржување на биолошкиот минимум во реката Лакавица. Овие води се од големо значење за добитокот и за посевите во лакавичкиот дел на штипска општина. Се шпекулираше дека Општина Конче го условувала Штип да ја асфалтира својата делница од патот за таа да го обезбеди биолошкиот минимум.
Градоначалникот Лазаров вели дека такви информации стигнале и до него. „Во реката Лакавица има биолошки минимум од водите кои од браната ги користи рудникот ’Бучим’, но тие води се загадени. Проблемот е во загаденоста, а не во минимумот. Со новата инвестиција која рудникот ја обезбеди за еколошка заштита на подрачјето и тој проблем ќе биде надминат“, оценува Лазаров. |