Замолкна Турското радио во Штип
Советот за радиодифузија не одобрил концесија на регионално ниво
Иван Бојаџиски
ШТИП - По само една година работа во Штип, Турското радио замолкна. Газдата на радиото, турски бизнисмен, кој за потребите на овој медиум купи куќа во центарот на Штип, во близина на библиотеката, ја затворил фирмата во Македонија. Причина за тоа е што Советот за радиодифузија не одобрил концесија на регионално ниво.
Неофицијално се говори дека радиото и' било продадено на Исламската верска заедница, но одговорното лице таквите ги отфрла информации како неосновани.
„Радиото беше формирано со цел да обезбедува информации за турското население од регионот. Програмата се емитуваше на турски и на македонски јазик. Бидејќи населението од турската етничка заедница не живее само во општината Штип, навреме побаравме регионална концесија. Цела година чекавме на одлуката на Советот за радиодифузија, а неговиот конечен одговор беше дека не можеме да добиеме концесија на регионално ниво. Сопственикот не сакаше повеќе да троши залудно, бидејќи сме непрофитно радио. А месечните трошоци за плати и за придонеси за петтемина вработени и другите трошоци изнесуваа 3.500 евра. Затоа сопственикот одлучи да го затвори радиото“, објасни Енвер Усеинов, директор на Радиото.
Тој ги демантира гласиштата оти радиото било продадено на Исламската верска заедница, која во центарот на Штип има и свое верско училиште. „Радиото не ја промени сопственоста, а дали тоа ќе се случи зависи од повеќе фактори, пред се', од намерата на сопственикот и од законската регулатива за пренос на концесијата“, вели директорот Усеинов.
Ова Радио беше отворено пред точно една година, а на свечениот чин присуствуваше амбасадорот на Република Турција во Македонија. Идејата беше на турската етничка заедница која во општините Штип и Карбинци брои 1.272 лица и по бројност е по македонскиот народ, ромската и влашката заедница, да и' се обезбедат информации кои се од значење за животот на турската заедница. Усеинов го образложува тоа со фактот дека голем дел од Турците живеат во селата на планината Плачковица, на територија на три општини - Штип, Радовиш и Карбинци, и до нив тешко стигаат информации од локално и регионално значење. Според Усеинов, голем дел од тоа население не го знае македонскиот јазик. Па затоа потребата од Радио на кое ќе се слушаат информации и на јазикот на оваа етничка заедница било оценето како прашање од висок приоритет.
Инаку, турското население во јуручките села, главно, ги следат програмите на турските телевизии, а мошне ретко нашите национални телевизиски станици. Со тоа ова население многу повеќе е информирано за тоа што се случува во пријателска Турција отколку во нивната држава, регион и општина. |