На екскурзија само со лекар
Лани во Министерството за образование пристигнале над 30 пријави и поплаки за ученички екскурзии
Жаклина Ѓорѓевиќ
Двесте и дваесет матуранти од прилепската гимназија „Мирче Ацев“ прв пат годинава беа на екскурзија со лекар. Претходно сите тие поминаа на лекарска проверка и за оние што имале здравствени проблеми, земени се лекарства. Нивната екскурзија во Будимпешта поминала добро. Овие мерки не ги организираше гимназијата поради новиот Правилник на Министерството за образование и наука, кој го промовираше министерот Никола Тодоров, туку од мака. Тие се' уште не можат да се соземат од шокот летово кога шеснаесетгодишен ученик од гимназијата почина на враќање од училишната екскурзија кај манастирот Трескавец. На крајот, обдукцијата покажа дека детето, наводно, имало срцева мана, што била и причина за неговата смрт.
Екскурзиите се без контрола. Деца се губат или, пак, кршат и дивеат по хотели, а нема кој да ги спречи или да им укаже дека тоа што го прават не е во ред. На крајот, за ефектите од екскурзијата знаат само родителите, бидејќи тоа ги удира по џебот - тие плаќаат не само за екскурзиите туку и за скршените врати, прозорци, кревети.. Само лани во Министерството за образование пристигнале над 30 пријави и поплаки за ученички екскурзии.
Прилеп се покажа ризичен за екскурзии не само за шеснаесетогодишниот ученик, кој почина на пат кон дома, туку и за двајца близнаци, кои во петокот се изгубија во околината на Прилеп. За среќа, ги најдоа еден ден подоцна.
Родителите се жалат дека никогаш не ги прашуваат за здравјето на децата пред да тргнат на екскурзија, туку бараат од нив да потпишат дека ги пуштаат на нивна одговорност. „Само господ да ги чува“ велат родители на деца од едно основно скопско училиште. Пред екскурзија тие велат дека ги прашуваат само дали даваат согласност детето да тргне на екскурзија и каде да ги контактираат ако се направи штета, но за здравјето на детето, ниту збор. А, сумата е секогаш баснословна. Дводневна екскурзија во државата обично чини најмалку три-четири илјади денари, но со тоа не се заокружува сметката, бидејќи на детето мора да се му се даде и џепарлак и храна.
За сиве овие проблеми родителите се обратиле во Инспекторатот во Министерството. „Лани добивме 30-ина пријави за злоупотреби и неправилности со екскурзиите. Директорите сами одлучуваат каде и колку денови ќе ги носат децата, си избираат сами фирми, а има и случаи кога ја избираат најскапата понуда. На екскурзии одат нестручни, неквалификувани луѓе“, ни изјави директорот на Инспекторатот, Џорџе Арсов. Тој верува дека 99 отсто од проблемите ќе исчезнат со новиот Правилник.
Новина во Правилникот за начинот на изведување на ученичките екскурзии е што на секоја екскурзија мора да има лекар што ќе се грижи за учениците. Наставниците треба претходно да се информирани за здравјето на децата и да го известат лекарот. Ако некое дете се разболи, веднаш ќе треба да се извести семејството. Шоферот на автобусот треба да има лекарско уверение и да не возел 12 часа пред екскурзијата. По екскурзијата, родителите се запознаваат со тоа како поминала екскурзијата. Секое училиште ќе треба да направи посебна програма за екскурзијата, а за неа ќе се изјаснува и Советот на родителите. Училиштето и натаму ќе одлучува за тоа кој ќе ги носи децата на екскурзија, но за тоа мора да има оглас. Оние што ќе аплицираат мора да имаат три успешни екскурзии зад себе. |