Во Лешок обнова на храм стар неколку векови
Населбата Лешок, стара повеќе од илјада години, е позната како духовен и културен центар во Полошко и пошироко
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - На темели на стара црква, која потекнува од османлискиот период, вчера во селото Лешок, Тетовско, започнаа работите за обнова на храмот. Чинот на осветување на камен-темелникот го изврши протојереј Мирко Станковски, намесник на Тетовско архијерејско намесништво, во сослужение на повеќемина службеници. Ктитори на овој православен објект се жителите на селото - иселеници во прекуокеански земји и верници од целиот тетовски крај. Местото каде што почнаа работите во Лешок е познато како Стари Гробишта, се наоѓа во Тенеќе Маало во селото со црква посветена на свети Николај. „Ова е наш завет Лешок да добие селска црква, но и да се заштити црковниот имот кај некогашните гробишта. Објектот го градиме сите. Лешок бил и останува центар на духовната култура. Некогаш во нашето село имало десетици цркви и манастири, а сега единствено се одржуваат двата храма посветени на свети Атанасиј и пресвета Богородица во рамки на Лешочкиот манастир“, ни рече Иван Атанасовски, претседател на Месната заедница и на Црковниот одбор за изградба на храмот. Според аналитичарот Илија Петрушевски, кој има неколку труда посветени на духовната култура на Лешок, црквата врз чии темели се обновува новата, прв ја споменал Ѓорче Петров во 1896 година. „Меѓутоа, нема никакви траги за вистинската старост, а се претпоставува дека бил граден пред неколу века“, ни рече Петрушевски.
Инаку, населбата Лешок, стара повеќе од илјада години, е позната како духовен и културен центар во Полошко и пошироко. Иако имало голем број цркви и манастири, Лешок нема своја селска црква. Сепак, освен оваа што се обновува, овде уште стојат остатоци од црквите „Света Петка“, „Св. Врача“, „Св. Атанасиј“. Жителите на Лешок ветуваат дека ќе преземат се' за обнова и на овие православни светилишта, на кои се видливи остатоците од некогашните цркви. |