Османи тврди:
Гостиварската полиција корумпирана?
Гостивар - Гостиварскиот градоначални�� Руфи Османи се жали дека не може да ги урива дивоизградените градежни објекти во Гостивар, бидејќи полицијата одбива да му испрати полициска асистенција. Притоа, Османи обвинува дека во гостиварската полиција постојат криминални структури што се подлежни на мито, на корупција, особено со сопствениците на диво изградените објекти. Како што вели тој, на три пати од ПС Гостивар побарал полицијата да асистира при уривање на над 15 дивоизградени објекти, кои градежните инспектори ги определиле како приоритетни. Но, поради необезбедување полициска асистенција, не беа извршени налозите за уривање.
За настанатиот проблем, Османи не само што ги известил раководните структури на СВР - Тетово туку побарал да се ангажираат во разрешувањето на настанатиот проблем. Но, од СВР - Тетово нема добиено одговор, а чека прием и кај министерката Гордана Јанкуловска.
Од СВР - Тетово истакнуваат дека обвинувањата на гостиварскиот градоначалник за корумпираност на гостиварската полиција се премногу општи и од градоначалникот побарале да ги посочи корумпираните полицајци, со име и со презиме, за да можат да преземат законски мерки против нив, а доколку не ги посочи имињата, ќе сметаат дека сето ова е во рамките на дневната политика. (К.К.)
|