Нема веќе кредити, само стипендии за студентите
Пре��видени се вкупно 2.800 стипендии, а конкурсот ќе биде објавен денес
Студентите од оваа година ќе конкурираат само за стипендии. Предвидени се вкупно 2.800 стипендии, а конкурсот ќе биде објавен денес. Еден од најважните услови за добивање стипендија е постигнатиот успех. Министерството за образование ги укина студентските кредити, бидејќи студентите речиси никогаш не ги враќале парите од кредитот.
Министерот за образование, Никола Тодоров, вчера соопшти дека укинувањето на моделот на студентски кредити е резултат на тоа што во изминатите 15 години, од 1995 година до денес, не било побарано овие средства да бидат вратени и со тоа државата има побарувања од една милијарда денари. „Имајќи предвид дека во минатото овие кредити се претвориле на некој начин во стипендии, новиот модел го предвидува токму тоа - за студентите да се одобруваат само студентски стипендии“, изјави Тодоров. Средствата што не се вратени од кредитите во најголем дел се застарени ненаплативи побарувања и тие ќе бидат избришани.
Годишно ќе се доделуваат 1.000 стипендии во износ од 3.000 денари месечно, а право на добивање ќе имаат студенти што оствариле просек над 8 од техничките факултети и медицинските науки, односно над 8,5 од општествените и уметничките науки. При доделувањето, од вкупно 100 бода, 50 ќе носи постигнатиот успех, 40 остварените приходи на родителите-старателите и 10 бода за видот на студии.
За студентите од социјалните категории, годишно ќе се доделуваат 1.600 стипендии во износ од 2.500 денари месечно. При доделувањето на овие стипендии, од вкупно 100 бода, 20 ќе се однесуваат на постигнатиот успех, 70 на остварените приходи на родителите-старателите, а додатни 10 бода ќе добијат студенти - деца без родители, деца со посебни потреби, деца на самохрани родители, деца на корисници на социјална помош, како и деца на корисници на надомест по основа на технолошки вишок.
Годишно ќе се доделуваат и 200 стипендии за талентирани студенти и тие ќе бидат во износ од 4.000 денари месечно. За нив ќе можат да конкурираат студенти што оствариле просек над 8,5 (техничките факултети и медицинските науки), односно над 9 (општествените и уметничките науки). При доделувањето на овие стипендии, од вкупно 100 бода, 80 ќе се однесуваат на постигнатиот успех, 10 на остварените приходи на родителите-старателите, додека останатите10 бода ќе носи видот на студиите. (П.Р.)
|