Број 3457  среда, 15 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Телекомуникации








Site Meter
Македонија

Млекарите станаа тутунари

Продажбата на кравите за тутунов расад е една од главните причини за млечна криза во државата

БИТОЛА - Млекарите станаа тутунари. Ги продадоа кравите за да купат расад за тутун. Ваква судбина ги снајде стотина битолски фармери, кои по пропаѓањето на млекарницата „Сведмилк“, мораа да ги испразнат шталите и да се зафатат со земјоделство. Како нова шанса за егзистенција го избраа тутунопроизводството, а решавачка беше високата откупна цена од 200 денари за килограм, како и 60 денари субвенции.

Меѓутоа, токму продажбата на кравите стана една од главните причини за млечна криза во државата. И Владата јавно призна дека „Сведмилк“ и долгот од над четири милиони евра кон кооперантите предизвикаа намалување на сточниот фонд, а со тоа и драстичен пад на количините млеко за откуп. Познавачите на околностите сметаат дека оваа ситуација ќе има далекосежни последици врз краварството.

Душко Илиевски е само еден од низата фармери, кооперанти на „Сведмилк“, во чија штала остана само една крава од 86 глави добиток. Илиевски се сметаше за еден од покрупните фармери, но стотина други помали фарми во Битолско на кои млекото им заглави во „Сведмилк“ одамна ги затворија шталите и се преориентираа кон тутун. Фармерите постојано укажуваа на последиците и бараа помош од државата, но таа остана глува на нивната мака. Намалениот откуп силно се одразува и врз работата на млекарниците.

Лилјана Најдовска од битолското село Новаци на која „Сведмилк“ и' должи 20 илјади евра за предаденото млеко, овие денови се подготвува да го предаде тутунот.

„Шведската млекарница ја запечати нашата судбина. Имав дваесет крави и како доаѓаа сметките за плаќање на хипотеката и на долговите за храна, морав да ги продавам една по една. Крава купував по 1.500 евра, а продавав за 600 евра. Со парите од стоката купив расад за тутун. Сега имаме половина тон за откуп. Тутунот добро се плаќа и сега таму ја гледаме егзистенцијата. Откупот го плаќаат за седум дена. Тутунот стана надеж за подобар живот“, изјави Најдовска.

Расим Халиди од битолското село Доленци, еден од сопствениците на поголемите фарми во регионот, тврди дека со затворање на шталите на стотина поситни фармери од Пелагонија, откупот на млеко е драстично намален. Халиди нагласува дека од поранешните кооперанти на „Сведмилк“ опстанале само големите фарми што стекнале капитал.

„По големата афера со ‘Сведмилк‘ млекарниците откупуваат дури за 40 проценти помалку млеко од нашиот регион. ИМБ нема повеќе од 60 тони млеко дневно за производство, а претходните години никогаш не била подолу од 100 тони млеко. Јас успеав да ја пребродам кризатата и да не го уништам стадото, но како мене беа малку. Другите фармери се удавија во долгови и ги затворија фармите“, потенцира Халиди. Тој предупредува дека ситуацијата во Пелагонија со фармите ќе биде уште полоша кога прилепските покрупни фармери поради ниската цена на млекото ќе ги распродадат кравите и целосно ќе се прешалтуваат на тутунопроизводство.

Анализите на Сојузот на земјоделци на Македонија ги потврдуваат состојбите на кои укажуваат земјоделците и сточарите од Пелагонискиот регион. Вељо Тантаров укажува дека во последната година во Пелагонија се сади 30 проценти повеќе тутун отколку порано.

„Годинава се посадија три илјади хектари со тутун што е за една третина повеќе од лани. Тутунот има висока откупна цена, но и примамливи износи на субвенција. Не се веќе старите времиња кога еден килограм тутун се плаќаше колку килограм полжави. Тутунот полека се враќа на нашите ниви. Еве годинава ќе има над 25 милиони килограми тутун од цела држава или за 5 милиони килограми повеќе од лани. Мора да се признае дека ‘Сведмилк‘ направи длабок потрес врз краварството“, дополни Тантаров.

За штетата што ја направи шведската млекарница врз македонското сточарство, конечно, јавно призна и Министерството за земјоделство. Новата млечна криза и недостигот од млеко, според министерот Љупчо Димовски, е несакана последица од аферата „Сведмилк“. Токму затоа државата ќе интервенира во подобрување на состојбите во овчарството.

„Развојот на сточарството во иднина нема да биде само кај краварството, туку и во зголемување на стадата овци и кози. Решението ќе се бара кај двете страни, фармерите и млекарниците, а ќе интервенира и државата“, рече министерот Димовски. (А.Б.)


#
Статијата е прочитана 732 пати.

Испрати коментар

Од: Трпче
Датум: 15.12.2010 21:35:13
ima golema konkurencija kaj mlekoto, iako ima spogodba za slobodna trgovija, Srbija, Hrvatska i Bosna so stimulacii odat so damping ceni, pa n.pr. hrvatsko mleko Vindjija tetrapak od 0.9% ima za 46mkd a BiM 0.9% e 48mkd .. za od Nishka mlekara i slicni da ne zboruvam..

Најди! во Утрински
Македонија
Похумани услови за пациентите во Бардовци
Евгениј Димитров
Прилепчанки виткаат сарми за Свети Никола
Топлина од колекторски отпад
 

Macedonia prepares for politically sensitive census
Bulgarian leaders clash over foreign diplomats with Communist spy links
Romanian opposition has a 'clinical obsession' with ousting president Basescu