Македонија до Кина преку Австрија
Задоволство кај домаќинот на ЕП од ждрепката за баражот за Светското првенство 2009
Роберт Димитриевски
Неколку минути пред Хелга Магнусдотир од Натпреварувачката комисија на ЕХФ да ни го додели противникот во баражот за Светското првенство 2009 во Кина тренерот на македонската репрезентација Ангел Велков ни рече дека има претчувство оти тоа ќе биде Австрија. И погоди, на големо задоволство на домашниот дел од присутните во салата за прес-конференции во салата „Борис Трајковски“, кои со аплауз го проследија епилогот од извлекувањето на двојките. Македонија ќе биде домаќин на првата средба на 6/7 јуни, а возвратната е една седмица подоцна.
„Посакувавме да ни паднат Австрија, Холандија, Португалија или Словачка. Австријките не ги потценувам, но нашите шанси за пласман на СП се реални. Имаме доволно време, шест месеци, за да се подготвиме и да ги поминеме“, оптимист е селекторот Владимир Глигоров.
Советникот на Стручниот штаб на македонската репрезентација на ова ЕП, Левон Акопјан, исто така смета дека ждрепката е поволна за Македонија, но е воздржан во прогнозите.
„По некоја случајност да се играше сега, Македонија ќе беше голем фаворит, но во јуни в година шансите се 50:50, бидејќи дотогаш многу работи може да се променат, пред се' во поглед на ракометарките што ќе настапат за Австрија“, вели трофејниот руски тренер, а сега претседател на Динамо Волгоград. Со ЕП заврши неговиот ангажман како консултант во селекцијата на домаќинот, а за евентуална понатамошна соработка вели дека во моментов не размислува, додавајќи дека Македонија може да се пласира на мундијалот и без него.
Михајло Михајловски, в.д. претседател на Ракометната федерација на Македонија, не го криеше задоволството од ждрепката.
„Ждрепката ни одеше од рака. Впрочем, сите спонтано се израдувавме. По еден ваков успех со освоеното седмо место, ракометот ќе има поголем подем и ќе привлече поголем интерес, па не би требало да има проблем за нас како федерација за да се подготвиме за јунскиот бараж. На репрезентацијата ќе и' ги овозможиме сите услови за да се пласира на СП“, изјави Михајловски.
Австрија, која има бронзени медали од ЕП 1996 и од СП 1999 и која на претходното ЕП го освои десеттото место, имаше многу лош настап во Македонија, препуштајќи и' го последното место на дебитантот Португалија поради подобрата гол-разлика за само еден погодок. Избраничките на селекторот Херберт Милер ги загубија сите три натпревара: 22:31 на стартот против Русија, катастрофални 10:24 во второто коло против Шведска и 21:31 на крајот со Белорусија. Причините за дебаклот можат да се бараат во отсуството на натурализираните Романки, пикерот Симона Спиридон и левиот бек Габриела Ротис-Наѓ, кои беа дел од стартната седморка во последните неколку години.
Слабоста на Австријките можеше да се види и на турнирот „Панон куп“ во Шомбатељ одигран десет дена пред ЕП, каде што загубија од домаќинот Унгарија, од Хрватска и на крајот од Македонија, која славеше со 26:24. Со својот ривал во мундијалскиот бараж македонските ракометарки на големите натпреварувања се имаат сретнато само на еврошампионатот 2006 во Шведска, кога во рамките на групата од вториот круг Австрија победи со 28:25. Тања Логвин беше најефикасна во тој меч со 12 гола, а во македонскиот тим се издвои Алегра Охоланга со осум погодока.
Конгоанката со македонски пасош, која не успеа да се врати за ова ЕП по тешката повреда на ногата добиена на СП во Франција минатиот декември, според потпретседателот на РФМ, Иван Бојков, изразила подготвеност да се јави на евентуален повик на селекторот и покрај тоа што пред неколку дена си замина од Ѓорче Петров. Желба да се врати во репрезентацијата пројавила и Марина Ламбевска, која играше на мундијалот, по што направи пауза поради мајчинство. Бојков вели и дека се обидуваат да ја премислат Валентина Радуловиќ, која реши со ЕП во Македонија да ја заврши кариерата.
„Се обидуваме да ја наговориме да ја смени одлуката и достојно да се прости од националниот тим, за што не беше во можност на ова првенство поради повредата. Вале има многу дадено за македонскиот ракомет и сметам дека заслужува блескавата кариера да ја заврши на соодветен начин, а таква можност е баражот за СП“, додава Бојков.
Другите двојки за баражот за СП 2009 се: Словачка – Унгарија, Шведска – Црна Гора, Србија – Германија, Хрватска – Франција, Белорусија – Романија, Португалија – Данска и Украина – Холандија. Покрај домаќинот Кина, директно учество имаат обезбедено бранителот на титулата Русија и финалистите на ЕП во Македонија, Норвешка и Шпанија. |