Одбраната на Тарчуловски се зајакнува со странски правни експерти
„Адвокатскиот тим на Јохан Тарчуловски ќе биде зајакнат со светски познати експерти, чии имиња наскоро ќе бидат познати“, најави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, по вчерашната посета на Тарчуловски во затворот во Шевенинген, Хаг.
Јанакиевски вели дека преговорите со експертите се во завршна фаза и наскоро тие ќе се приклучат на тимот на одбраната на Тарчуловски и ќе учествуваат во сите фази од поднесувањето на жалбата на пресудата. „Во консултации со Тарчуловски ќе биде засилен адвокатскиот тим со ангажирање најпознати светски експерти кои ќе бидат вклучени во жалбената постапка. Уште од самиот почеток на постапката тие ќе учествуваат во сите фази“, изјави Јанакиески.
Владата, вели министерот, ќе стори се' што е во нејзина надлежност, ќе ги искористи сите правни и политички механизми за да им помогне на Љубе Бошкоски и на Јохан Тарчуловски да ја докажат својата невиност, а ќе продолжи да им помага и на нивните семејства.
Хашкиот трибунал на 10 јули годинава му изрече затворска казна од 12 години на Јохан Тарчуловски за случајот „Љуботен“, а го ослободи од сите обвиненија поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, за кого, пак, Обвинителството најави жалба на ослободителната пресуда. (МИА)
|