Металската индустрија во земјата во длабока агонија
Домашните фирми веќе работат со минимум капацитет и драстично намален број работници
Маја Томиќ
Кризата чукна и на вратата на тетовски „Силмак“, кој до минатиот месец имаше обезбедено работа. Сега веќе работи со 40 отсто намалено производство, затоа што цената на феросилициумот е падната на берзите и за него нема побарувачка. Се размислува за скоро намалување на бројот на работниците за околу 200, и нивно испраќање на принуден одмор, а околу 150 работници веќе го користат остатокот од годишниот одмор. Инаку, во „Силмак“ има околу 700 вработени.
Во рудникот „Бучим“ минатата недела беа прекинати делови на производствениот процес за да се намалат трошоците во работењето, во услови кога цената на бакарот падна на 4.000 долари, а се очекува натамошен пад, најмногу пред новогодишните празници. На принуден одмор сега се триесетина вработени.
Компаниите од металургијата и од рударството уште пред два месеца и' укажаа на Владата дека не можат сами да се справат со последиците од кризата и побараа помош од неа. Владата пред една недела донесе генерални мерки за спас од кризата, но компаниите од металскиот сектор оценија дека тие нема да имаат директно влијание врз тој сектор. Туку повеќе ќе имаат ефекти за оние компании кои работат со загуби и имаат големи неплатени обврски кон државата.
Според Ристевски, за компаниите ќе има значење намалувањето на царините на некои суровини, но, сепак, најголеми ефекти ќе се добиеја ако се дејствуваше кај цената на струјата. Односно, доколку Владата им овозможеше на фирмите купување на дел од потребите за струја, по пониски, домашни цени, бидејќи струјата учествува и со 70 отсто во готовиот производ.
Комбинатите бараа и намалување на акцизите на нафтата и на користење на железничкиот транспорт, кој е поевтин за околу 30 отсто. Владата не одговори на нивните укажувања и барања. Сепак, за компаниите останува главниот проблем, цената на металите на светските берзи. Се' додека таа паѓа, тие ќе трпат финансиски последици.
Металската индустрија учествува во БДП со 12 проценти, а во вкупниот извоз на земјата со околу 50 проценти. Освен неа, на преполовено производство поради намалување на нарачките од странство се жалат и текстилните и градежните фирми кои, исто така, предупредуваат на затворање на погоните од почетокот на идната година. (М.Т.)
Во металуршкиот сектор, кој прв и досега најмногу настрада од глобалната криза, состојбите се влошуваат. Според некои прогнози, не треба да изненади доколку за кусо време некои од комбинатите стават клуч на врата. Од вкупно 6.000 вработени, компаниите досега испратиле на принуден одмор околу 1.800 работници.
Кавадаречки „Фени“ најави прогласување технолошки вишоци и отказни решенија за околу 200 вработени од почетокот на идната година. Во октомври „Фени“ прати на одмор околу 200 работници. Причина за дополнителното кастрење на работните места во „Фени“ е постојаниот пад на цената на никелот на светските берзи, која моментално е пониска за три пати од онаа во почетокот на годинава и изнесува околу 9.500 долари за тон.
„Нема оптимизам кај раководствата на компаниите. Ситуацијата сигурно ќе потрае до средината на идната година. Ние ќе преговараме и ќе ги разгледаме сите опции за да ги заштитиме вработените.
Во „Фени“ прво ќе се раскинат договорите на одредено време, односно тие нема да бидат продолжени, потоа за технолошки вишок ќе се прогласат лицата кои имаат малку години пред пензија и ќе земаат надомест од Заводот за вработување, а ќе се разгледа и опцијата за доброволно заминување од работа со испратнини. Вкупната бројка не би требало да достигне над 100, во секој случај нема да има масовни отпуштања“, вели Пеце Ристевски, претседател на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство - СИЕР.
Тој вели дека ситуацијата во „Арцелор Митал“ е статус кво, нема најави за отпуштање работници и погоните се одржуваат со мал дел од вработени, поголем дел од нив се' уште користат годишни или принудни одмори. |