Граѓаните се жалат дека за платени казни им стигнуваат покани за суд

Граѓанин што бил казнет во Гевгелија ја платил казната во Скопје, но подоцна, сепак, му стигнала прекршочна пријава
Горан Адамовски
Возачите, кои поради сообраќаен прекршок ќе бидат санкционирани со мандатна казна во висина до 45 евра, може да ја уплатат сумата во која било пошта или банка во државата, а не само во местото каде што биле казнети. Единствено што е потребно е потоа уплатницата да ја покажат во најблиската полициска станица (ПС), од каде што по службена должност ќе ги информираат колегите што ја изрекле санкцијата и со тоа да го затворат случајот. Граѓаните имаат алтернатива да избираат дали да ја платат казната или, пак, во возачката книшка да им бидат напишани негативни поени. Доколку ги одбијат двете солуции, ќе бидат прекршочно пријавени. Но, неколкумина граѓани се пожалија во нашата редакција дека ем ја платиле казната ем им стигнала покана да се јават во Судот за прекршоци.
„Бев казнет во Гевгелија, бидејќи немав ставено сигурносен појас. Полицајците љубезно ми објаснија дека казната изнесува 20 евра или 10 негативни поени. Не сакав да добивам негативни поени, па по неколку дена зедов уплатница од ПС што е блиску до мојот дом во Скопје, отидов во пошта и платив. По неколку недели ми стигна прекршочна пријава поради казната во Гевгелија“, вели еден наш читател. Кога побарал објаснување, му било кажано дека уплатницата требало да ја однесе во полициската станица каде што бил казнет - во случајов Гевгелија, па тие да му ја поништат казната.
„Демек, вака тие во Гевгелија не знаеле дека сум платил, а бидејќи не сум ја однел книшката за да ми напишат негативни поени - мислеле дека сакам да ја ескивирам казната и затоа прекршочно ме пријавиле“, негодува граѓанинот.
Во МВР велат дека граѓаните може веднаш да се обратат до Министерството доколку по кој било основ се незадоволни од работата на полицијата.
„Граѓанинот што ќе биде санкциониран може да ја регулира казната (доколку се одлучи да ја плати) во која било банка или пошта. Потоа треба да ја однесе во која било полициска станица, каде што по службена должност ќе ги известат колегите што ја изрекле дека казната е платена. И тоа е се'. Доколку граѓаните постапиле според Законот, односно ја платиле казната, а сепак, им стигнала прекршочна пријава - тогаш може да ги пријават полицајците во станицата каде што ја однеле уплатницата“, велат во МВР.
Мандатните казни важат за помалите прекршоци, односно за оние чија висина не е поголема од 45 евра, како што се за возење без ставен појас, возење без светла, зборување на мобилен телефон при возење... Возачите наместо да платат, може да одберат впишување негативни поени во возачката книшка. Книшката се издава со новите возачки дозволи, а граѓаните што ќе бидат казнети се должни да ја извадат во Управните служби на МВР и потоа во рок од 38 дена од впишувањето на казната да ја однесат во која било ПС, каде што ќе им бидат запишани поените. Граѓаните не смеат во рок од три години да добијат 100 или повеќе поени, бидејќи, во спротивно, ќе им биде одземена возачката дозвола и две години немаат право на полагање. По три години, негативните поени во книшката се бришат. Граѓаните што не се казнети немаат потреба од набавување возачка книшка, но таа, секако, ќе треба да ја извадат кога ќе аплицираат за продолжување на важноста на возачката дозвола.
Доколку граѓаните не сакаат ниту да платат ниту да им бидат впишани негативни поени, тогаш ќе бидат дадени на суд, а ако и по одлуката на судот не ја платат казната, која ќе се удвои, тогаш ќе им тропнат на врата извршители.
Освен мандатните казни, постојат и казни со налози што се пишуваат за поголемите прекршоци, како што се возење под дејство на алкохол, предизвикување сообраќајка, незастанување на пешачки премин и слично.
Кај нив нема можност за избирање негативни поени, а единствената шанса е да ја платат казната во рок од осум дена, по што таа ќе биде преполовена. Ако не се плати, следува прекршочна пријава, судење, по кое веројатно предвидената сума за казната ќе се удвои или ќе биде извршена со извршители доколку граѓанинот одбие да плати. Освен тоа, кај дел од казните (возење под дејство на алкохол) следува и одземање на возачката дозвола. |