Двајца загинати за Велигден
Две лица ги загубија животите во две стравотни сообраќајни несреќи што се случија во неделата во Битолско. Четиринаесетгодишно момче од Могила загина во несреќа што се случи околу 14 часот на раскрсницата кај фудбалското игралиште во селото. Според МВР, момчето, управувајќи мотоцикл, изгубило контрола и поминало на десната страна од коловозот, при што удрило во бетонска шахта од канализација, се одбило од неа и се забило во дрво покрај патот. На пат кон болницата, детето починало.
Втората трагична незгода се случила околу 23,20 часот на патниот правец Битола - Демир Хисар, односно во близина на селото Лопатица, кога дошло до судир меѓу „опел астра“, управувана од Љ.М. (39) од Демир Хисар, и мопед, управуван од Орхан С. (31) од Битола. „Во незгодата, на самото место починал Орхан С., а сопатникот на мопедот, И.С. (45) од Битола, се здобил со тешки повреди и е пренесен во болница“, соопшти полицијата. Причините за сообраќајката допрва ќе се истражуваат. (Г.А.) |