Германија вложила 1,5 милијарда евра во Србија
Стоковната размена меѓу Германија и Србија се движи околу три милијарди долари годишно
Од 2000 година досега, Германија и' доставила на Србија околу милијарда евра помош и донација и, според овие податоци, Германија е најголем поединечен донатор на Србија. Овие средства, главно, се вложени во инфраструктура, енергетика, водоснабдување, подигање на капацитетите на локалната самоуправа, како и за ху��анитарни потреби.
Германија, исто така, е еден од најголемите инвеститори во Србија. Официјалните податоци велат дека Германија вложила околу 1,5 милијарди евра во српското стопанство. Се проценува дека таа сума е далеку поголема, бидејќи се смета дека околу една третина од австриските инвестиции се со пари од германско потекло. Оливер Киро од Одборот за економски односи со странство при Стопанската комора на Србија наведува каде досега биле најголемите германски инвестиции во Србија.
„Најголемо поединечно вложување е во фармацевтската индустрија, односно купувањето на ’Хемофарм‘ од страна на ’Стад‘ за околу 480 милиони евра. Следно вложување по големина е трговскиот синџир ’Метро кеш енд кери‘ за малку над 160 милиони евра. Една од поголемите инвестиции е и ’Месер техногас‘ со над 100 милиони евра. Хемиската индустрија ’Хенкел‘, исто така, е едно од поголемите вложувања со околу 80 милиони евра. Во шеќерната индустрија се бележи вложување на ’Нордзукер‘ со околу 50 милиони евра. Во Србија вложиле и ’Кнауф‘, како и многубројни инвеститори во производство на делови за автомобили како што се фирмите ’Леони‘ и ’Норма груп‘, текстилната индустрија ’Фалкен‘, како и многу други помали инвеститори“, вели Киро.
„Германското производство во Србија е организирани преку здружени германски фирми“, вели Бојан Предоевиќ, заменик-претседател на Германското здружение на производители во Белград. „Вакви регистрирани фирми во Србија има околу 360, во кои се вработени околу 20.000 работници. Фирмите во тоа здружение зборуваат за деловниот амбиент во Србија во анкета што се организира секоја година. И морам да кажам дека сите години наназад, па дури и во овие последните три, да ги кажам критични години, главно, се изјаснуваат дека во Србија има релативно позитивен стопански амбиент“.
За натамошниот потенцијал за стопанска соработка меѓу Србија и Германија, Киро истакнува дека и натаму постои голем интерес на германските инвеститори за вложување во делови од автоиндустријата. „Исто така, Германија е заинтересирана и за вложување во рударството и во енергетиката, како и во земјоделството и во заштитата на животната средина“, вели Киро. (Дојче веле)
Се бара ораница за компир
Ужице - Дваесет илјади хектари ораница од Приеполе, па до Ивањица наскоро може да стане едно големо одгледувалиште на компир, култура што би се извозувала во Европа. Една германска компанија е подготвена да им ја даде оваа шанса на земјоделците од овој крај, која со посредство на австриската фирма „Фриго фрухт“ е во потрага по ниви и е подготвена за соработка.
„Многу потенцијални одгледувачи, климата и традицијата во производство на овој зеленчук ги навела Германците да се заинтересираат да го активираат масовно производството на компир во овој дел на Србија. За одгледување семенски, индустриски и компир за широка потрошувачка се бараат 20.000 хектари. Се нудат два вида соработка – едната е земјата од селаните да се земе под закуп и сами да произведуваат и другата е кооперантска, кога од земјоделците ќе се откупува родот, со тоа што вложувачот би го надгледувал производството“, објаснува Милован Петровиќ, заменик-градоначалник на Ужице. (Блиц) |