„Комунална“ се поднови со шест камиони за ѓубре
Возилата се подарок од Градот, кој за нив инвестираше 50 милиони денари
Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ доби шест нови специјални возила за собирање смет од марката „мерцедес бенц“. Возилата се подарок од Градот Скопје, а вчера заедно со претставниците од комуналното претпријатие и во присуство на министерот за транспорт и врски ги промовираше градоначалникот, Коце Трајановски.
Новите камиони се со зафатнина од 20 кубни метри, со вграден систем од задната страна за подигнување и празнење на контејнерите со отпад со капацитет од 1,1 кубен мета�� и на типските канти од 120 литри. Празнењето на садовите со смет сега ќе се врши за 20 до 24 секунди. Товарната висина на коритото за прифаќање на отпадот е 1.400 милиметри, а зафатнината на собирниот сандак од 1,5 до 4,5 кубни метри. Циклусот на работа на возилата дава можност за автоматско и рачно управување. Новите камиони имаат мотори со Еуро 3 стандард.
Цената на едно комунално возило со пресметан ДДВ изнесува 8.366.200 денари. Градот за шесте возила инвестираше нешто над 50 милиони денари, а средствата ќе ги отплаќа на шест еднакви рати.
„Чест ми е што денеска ќе ги предадеме во употреба шесте нови камиони. Градот Скопје за потребите на претпријатието лани набави 6 камиони со зафатнина од 15 кубни метри, а еве денеска имаме промоција на нови 6 камиони со зафатнина од 20 кубни метри. До март наредната година ќе набавиме уште 20 камиони“, рече вчера на промоцијата на новите возила, градоначалникот Трајановски.
Тој смета дека со обновување на возниот парк на „Комунална хигиена“ и со замената на старите камиони, кои многу често остануваат во дефект, ќе се подобри општата хигиена во градот. (Сн.К.) |