Брoj 2706  сабота, 07 јуни 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

СТИЛ

Седум македонски музички надежи

Концертот со Македонската филхармонија - прв чекор кон успехот

Ивона Саздовска

На 22 мај во Домот на Армијата се одржа спектакуларен концерт на седум солисти, студенти на Музичката академија во Скопје, во придружба на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Саша Николовски - Ѓумар.

Симфонискиот концерт во придружба на Македонската филхармонија е настан што се случува секоја година во мај. Ваквиот перформанс влегува во редовната програма на Филхармонијата, така што подготовките околу него траат во текот на целата година.

Селекцијата на солистите е строга, која подразбира две аудиции, едната е прелиминарна, во која секоја катедра ги одбира најдобрите, а во втората е вклучено жири составено од членови на деканската управа.

Деканката на Факултетот за музичка уметност Евушка Елезовиќ со емоции ги искажува своите импресии. „Концертот беше прекрасен. Сметам дека немаше човек во публиката кој не го почувствува флуидот што кружеше цело време во салата. Навистина сум горда што имаме вакви студенти, кои успеаја да бидат вистински ѕвезди на вечерта. Тоа беше концерт за кој верувам дека уште многу ќе се зборува“.

Интересот меѓу студентите за овој настан е огромен, меѓутоа само малкумина ја добиваат шансата да бидат избрани како најдобри од најдобрите. Таа прилика оваа година им се укажа на седум студенти, кои воодушевено зборуваат за концертот.

Фросина Богдановска е млада виолинистка од Велес, инаку студентка на Музичката академија во класата на професорот Љубиша Кировски. „Задоволна сум од шансата што ми се даде да свирам со Македонската филхармонија. Ова е голема чест и ретка можност за секој студент, почнувајќи од аудициите, па се' до конечниот епилог - концертот. Да се застане пред толку луѓе и да се биде центар на случувањето е прекрасно и многу одговорно чувство. Знаете дека се' мора да излезе во најдобар ред и дека целата публика ги вперила очите во вас“. Инаку, Фросина потекнува од музичко семејство, па оттаму вели дека има чувство како цел живот да ја познава музиката.

„Кога сте дел од музичко семејство, постои огромна веројатност и вие да се занимавате со истата професија. Виолината за мене отсекогаш била најголемата љубов“, вели младата виолинистка. По дипломирањето, планира да замине на постдипломски студии на Конзерваториумот во Вие��а, а потоа да се врати во земјата и да и' го понуди своето знаење и искуство. „Никогаш не би сакала да заминам од земјава. Ја сакам Македонија и сметам дека овде има голем потенцијал и простор за сите“, верува Фросина.

Горан Папазоски, надежен саксофонист кој доаѓа од Охрид, е втора година на Академијата во класата на професорот Стојан Димов. Тој е еден од солистите што ја имаа честа да свират со Филхармонијата. „Чувството не се опишува со зборови. Требаше да се биде таму и да се доживее сето тоа“. За себе вели дека го одбрал саксофонот, бидејќи за него тоа било детска љубов, што добил шанса да ја реализира. Свесен дека свири на ретко достапен инструмент кај нас, Горан вели: „Кај нас саксофонот не го добива посакуваното внимание, бидејќи е релативно нов инструмент во класичната музика. Меѓутоа, работите се трганти по нагорна линија, што особено ме радува, затоа што со присуство на саксофонот целокупниот звук изгледа побогато и за музичарот и за слушателот. Саксофонот испушта посебно меланхолична боја, која одлично се вклопува во класиката“. Горан има уште две години до дипломирање, а потоа планира да замине во Берлин, Германија, и таму да го доусовршува овој инструмент. „Би било одлично во иднина да бидам концерт-мајстор или солист. Тоа, впрочем, е сонот на секој од нас, да бидеме свои и успешни. Меѓутоа, не е исклучена можноста и да завршам како џез-музичар, затоа што џезот е музика во која саксофонот максимално доаѓа до израз. По природа сум оптимист, па верувам дека работите ќе си дојдат на свое место“, самоуверено вели Горан.

Софија Никоска, или подобро кажано чудото од дете, има само 17 години и доаѓа од Прилеп, а веќе е втора година на Музичката академија, како виолинистка во класата на професорот Олег Кондратенко. Сакајќи побргу да се дојде на Академија како талент, Софија го прескокнала основното образование, а на 15-годишна возраст се запишала на Академијата и паралелно го изучувала и средното образование. „Виолината е целиот мој свет. Тоа е нешто во кое навистина уживам и најдобро знам да го правам. Талентот го имам и мислам дека вложувам максимални напори да го дадам најдоброто од себе. Шансата да се свири со професионалци, како што се членовите на Македонската филхармонија, е огромно задоволство и, пред се', искуство. Потребно е многу вежбање, затоа што никој не сака да ја изгуби шансата што му се дава. Имав прилика да изведам концерт на Чајковски, кој се наоѓа на репертоарот на сите светски класични концерти“. По дипломирањето, желба и' е да замине во Германија на некои од конзерваториумите за виолина, а потоа да успее и како солист.

„Сметам дека државата треба малку повеќе да се грижи за нас и да вложува многу повеќе во капацитетите. На светската сцена имаме малку уметници кои не' промовираат, а нивната реална бројка е многу поголема. Затоа е потребно државата да помогне во нивна афирмација“, вели амбициозната и талентирана Софија.

Кристијан Каровски, пијанист од Скопје, е студент на трета година во класата на професорот Борис Романов. Во конкуренција од седум пијанисти, бил избран со уште една пијанистка да бидат дел од големиот симфониски концерт. „Диригентот Ѓумар и ние солистите успеавме да ги соединиме мислењата и на тој начин се потврди добитната комбинација за концертот да биде успешен. Мислам дека секој од нас заслужи да биде дел од него. Кога ќе успеете да функционирате како тим, тогаш емоциите со кои настапувате се понагласени и поистакнати. Тогаш се воспоставува флуидот со публиката и тој трае до самиот крај“, задоволно истакнува Кристијан. По дипломирањето, планира да се запише на постдипломски студии кај професорот Романов, а потоа да изгради и светска кариера како солист.

Горан Митрев, ксилофонист од Демир Капија, е трета година на Музичката академија во класата на професорката Мојца Седеу. Како мал својата љубов ја насочил кон гитарата, меѓутоа кога заминал во Средното музичко училиште во Битола, бил известен дека тој отсек е укинат и дека единствено празно место има на катедрата за ударни инструменти. Се запишал и до ден-денес не се покајал поради тоа.

„Отидов за едно, а се запишав на друго. Меѓутоа, се пронајдов себеси и морам да кажам дека навистина го направив вистинскиот избор. Понекогаш работите умеат да се променат, но во овој случај излегоа на добро“. За настапот со Филхармонијата има само убави зборови, велејќи дека тоа само се доживува. „Морам, пред се', да се и' заблагодарам за дадената шанса на Академијата и на деканката. Ова е тоа што сите го посакуваме да ни се сл��чи. Кога се пријавивме на аудицијата, бевме свесни дека мора да го дадеме максимумот и затоа успеавме да влеземе. Се надевам дека во иднина ќе се организираат повеќе вакви концерти, затоа што на тој начин ќе им се даде шанса на повеќето да го доживеат чувството да се биде најдобар. Знаеме дека условите не ни дозволуваат многу, но не треба да ја губиме надежта и излезот да го гледаме надвор од матичната земја“, верува Горан.

Ана Арангелова од Кавадарци е втората пијанистка - солист на симфонискиот концерт. Таа е апсолвентка на Музичката академија во класата на професорот Симон Трпчески.

Вели дека откако знае за себе, е во допир со пијаното. Љубовта за него и' ја всадила нејзината мајка уште од петгодишна возраст. „Додека сте мали, ви ги пласираат работите, а вие сами ги апсорбирате во себе. Не можам да кажам дека како мала сум го сакала, затоа што во тие години не можете да изберете што сакате, а што не. Денес кога сум пред дипломирање, со неколку настапи зад себе, вклучувајќи го и настапот со Филхармонијата, сфаќам дека пијаното е мојата најголема љубов. Чувството да се настапува со професиоанлци е убаво, интересно и возбудливо. Она што навистина ми се допаѓа во оваа работа е начинот на кој може да се постигне совршенството. Потребно е само да знаете да се слушате себеси и музиката. Кога ќе го воспоставите тој баланс, публиката ве насетува и ужива со вас, а тоа е најголемото задоволство. Овациите сами говорат за себе. Токму такво чувство доживеавме сите на Симфонискиот концерт“, констатира Ана Арангелова.

Игор Бакревски, поради студентските обврски, беше спречен да присуствува на интервјуто. Игор свири на кларинет и стана дел од седумте најдобри, поминувајќи ги аудициите и имајќи ја шансата да настапу со Македонската филхармонија. За него колегите велат дека со полно право бил дел од успешниот музички тим.


Статијата е прочитана 420 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Концертот на „Кошин“ презакажан за 6 септември
Македонска музика негувана во Хрватска