„ЕЗЕРКИ“ и „7/8“
Македонска музика негувана во Хрватска
Четири години по последниот настап во Македонија, женскиот вокален етносостав „Езерки“ и оркестарот „7/8“ од Хрватска, завчеравечер, за сите присутни во летниот клуб „Хард-рок“ приредија извонредна и релаксирана вечер со звуците на изворната македонска музика, традиционални песни и ора во модерен аранжман.
„Повеќе од десет години ’Езерки‘ и ’7/8‘ ги освојуваат срцата на љубителите на македонската изворна музика и достојно ги претставуваат и двете земји - и Македонија и Хрватска“, рече амбасадорот на Хрватска во Македонија Иво Кујунџиќ.
Концертот на групите, чии членови се со мешано хрватско-македонско потекло и работат под закрила на Хрватско-македонското друштво во Хрватска, со задоцнување од еден час беше отворен со темата „Во наше село“, а продолжи со „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Се посврши сербез Донка“, „Си заљубив едно моме“, „Зајди, зајди“... Беше изведена и темата која „Езерки“ и „7/8“ ја снимија заедно со Тоше Проески, а е дел од нивниот втор албум „Бакнеж“ - „Со маки сум се родил јас“, како и песната за која, како што кажа фронтменот на оркестарот и виолинист Бруно Урлиќ (задолжен и за аранжманите на песните) „оваа песна веројатно никогаш не сте ја слушнале“, притоа мислејќи на „Македонско девојче“... Понатаму се редеа „Билјана платно белеше“, „Јовано, Јованке“, „Бело лице љубам јас“, „Брала мома капини“, „Прошета се Јовка Кумановска“..., а како специјални гости на саксофон и труба се појавија Марјан Јакиќ и Томислав Рукљиќ.
Одличната инструментална и вокална изведба, како и извонредниот прием кај публиката која присуствуваше на концерт од затворен тип (под покровителство на Фабриката за тутун од Ровињ), ја победи и тремата кај „главните актери“, која беше забележлива уште во самиот почеток. „Знаеме дека ви продаваме топла вода, но не лутете се. Луѓето го сакаат ова што го работиме“, додаде фронтменот Урлиќ, кој за самиот крај на двочасовниот концерт ги одбра „Елено ќерко“ и „Битола мој роден крај“. Токму на последната песна и бис публиката не одолеа и во клупски амбиент заигра... Едно убаво и чисто македонско оро!
По концертот во Скопје, членовите на „Езерки“ и оркестарот „7/8“ вчеравечер настапија и пред публиката во Народниот театар во Битола. (К.Ш.) |