Најпосетеното дерби за МЗТ Скопје
Аеродромци славеа со 62:60 пред 6.000 гледачи во првиот дуел со Работнички одигран во „Борис Трајковски“
Кошаркарите на МЗТ Скопје и неговите навивачи имаат најмалку две причини за славење по победата над лутиот градски ривал Работнички од 62:60 во шестото коло од Првата македонска лига. Првата е што го добија историското прво соочување во салата „Борис Трајковски“ пред 6.000 гледачи и втората е што му го нанесоа првиот пораз сезонава на тимот од Градски парк. По 34. победа на „металците“ во 103. меѓусебен дуел во самостојна Македонија и двете екипи се израмнија на второто место на табелата со по 11 бода, еден помалку од лидерот Фени индустри, кој има максимален ефект досега.
Рекордната публика на еден домашен кошаркарски натпревар можеби не виде кој знае колку квалитетна игра на вечните ривали, но затоа беше сведок на возбудлив финиш, во кој поснаодливи беа условно речено гостите од населбата Аеродром. Улогата на егзекутор на противникот ја доби Ненад Зивчевиќ, кој при резултат 60:60 на 18 секунди до крајот ги реализира и двете слободни фрлања, по што изблокираниот Ристе Стефанов во последните секунди упати удар за тројка во „бунар“.
Ваквиот епилог оди на душа на Србиновски, кој призна дека згреши што избра неговиот тим да направи брз фаул со цел да го има поседот на топката до последниот звук на сирената, откако Стефанов на 20 секунди до крајот израмни со положување.
„Дефинитивно, моја погрешна проценка, но тоа е спортот. Имавме последен напад, шанса и 18 секунди, кои не ги искористивме. Можеби требаше порано да направиме фаул над Николовски, но Димитровски отиде на пресекување на топката“, се јадосуваше по средбата ексрепрезентативецот на Македонија, сега на клупата на Работнички.
Неговиот тим можеше и порано да го реши прашањето на победникот, кога со серијата од 11 невозвратени поени не само што ја анулира предноста на противникот, туку преку ветеранот Перо Блажевски дојде и до солидна позитива од 57:52. Меѓутоа, Зивчевиќ и Грнчаров со тројка повторно воспоставија резултатски егал, а Николовски му донесе водство на МЗТ Скопје од 60:58 пред опишаната разврска.
„Прекрасно е да се победи еден ваков ривал во еден ваков амбиент. Немаше да биде назслужено ако Работнички излезеше како победник, но овој пат тоа беше посреќниот тим. Пресудна за победата беше нашата подолга клупа, која ни овозможи повеќе ротации“, сумира тренерот на МЗТ Скопје, Александар Петровиќ. (Р.Д.)
Работнички - МЗТ Скопје 60:62
По четвртини: 13:15, 18:18, 15:19, 14:10. Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 6.000. Судии: Златевски, Милоевиќ и Павлов.
Работнички: Богески, Мираковски 2, Дилберовски, Димитровски 8, Симиќ 1, Станков, Талески, Гоцевски 18, Стефанов 10, Саздов, Блажевски 21, Докузовски. Тренер: Марјан Србиновски.
МЗТ Скопје: Петковски, Трајковски, Петровски 5, Аврамовски 8, Георгиевски 3, Пенов 2, Коцов, Николовски 11, Зивчевиќ 16, Грнчаров 12, Талевски 5, Ѓоревски. Тренер: Александар Петровиќ. |