Илиевски со скалпот на Панатинаикос
Македонскиот бек избори продолжение, по кое Унион Олимпија славеше со 85:84 во Евролигата
Владо Илиевски одигра клучна улога во третата победа во низа на Унион Олимпија во Евролигата. Словенечкиот кошаркарски првак ги израдува 12.500 гледачи во салата „Стожице“ во Љубљана, славејќи со 85:84 по едно продолжение, откако во основниот дел натпреварот од третото коло во групата Д заврши 72:72.
Токму Илиевски го донесе продолжението со двата поена постигнати на само две стотинки до крајот. Македонскиот бек го проби мразот и во дополнителните пет минути, кога по двеминутен пост на обете страни погоди за два поена и асистираше во следниот напад на Унион Олимпија. Мечот, во кој одигра вкупно 41 минута и го напушти теренот поради пет лични грешки во финишот од продолжението, Илиевски го заврши со 11 поени, шутирајќи 4/7 за два поена и 1/4 за тројка. Тој беше и најдобар асистент на теренот со шест додавања, како и најдобар крадец со три одземени топки, а запиша и три скока.
За големата победа над тимот на Жељко Обрадовиќ, сепак, домаќинот треба да му заблагодари и на МВП на третото коло, Димитрис Дијамантидис. Гркот искористи само две од трите слободни фрлања на истекот од продолжението, откако беше фаулиран при обид да постигне тројка.
Изненадување на колото е поразот на европскиот шампион Барселона од Фенербахче со 69:61, и тоа на домашен терен.
Група А: Партизан - Макаби 54:67. Табела: Каха Лаборал 2-1, Макаби 2-1, Химки 2-1, Жалгирис 2-1, Партизан 1-2 и Проком 0-3.
Група Б: Виртус Рома - Реал Мадрид 56:74. Табела: Олимпијакос 2-1, Реал 2-1, Виртус 2-1, Бросе баскетс 2-1, Уникаха 1-2 и Шарлроа 0-3.
Група Ц: Шоле - Литвос Ритас 73:69 и Барселона - Фенербахче 61:69. Табела: Монтепаски 3-0, Фенербахче 3-0, Барселона 2-1, Шоле 1-2, Литвос 0-3 и Цибона 0-3.
Група Д: Унион Олимпија - Панатинаикос 85:84 (72:72). Табела: Олимпија 3-0, Панатинаикос 2-1, Ефес 2-1, Милано 1-2, Валенсија 1-2 и ЦСКА Москва 0-3. |