Новинарите избраа ново раководство
ЗНМ сега има задача да ги смири страстите и поделбите во фелата
Тамара Грнчароска
На маратонско Изборно собрание Здружението на новинари на Македонија во саботата го избра своето ново раководство. Насер Селмани од „Вест“ е новиот претседател на ЗНМ. Тој и во двата круга од изборите за претседател освои идентичен број на гласови - 95. Назим Рашиди од сервисот на Би-Би-Си во Скопје како второпласиран во првиот круг освои 55 гласа, а во прегласувањето меѓу него и Селмани, во вториот круг, освои 37.
Должината на траењето на Собранието, повеќе од осум часа во хала на Скопскиот саем што не можеше да се загрее, принуди голем дел од 240 редовни членови на ЗНМ, кои дојдоа на гласањето, да заминат по првиот круг од гласањето. Поради тоа, на прегласувањето за претседател, но и на изборот за членови на Надзорниот одбор и Советот на честа, останаа 140 новинари.
Новинарите во првиот круг на гласање ги избраа и членовите на Управниот одбор, кој заедно со претседателот на Здружението треба да ги спроведат статутарните и програмски задачи, како и одлуките и заклучоците на Собранието на ЗНМ.
Новото раководство уште во саботата, пред и да биде избрано, доби обврски. Првата беше да ги смири страстите и незадоволството од ЗНМ во неколку скопски медиуми. Први незадоволството го искажаа новинарите од Сител, „Вечер“ и АБ канал, кои преку свој претставник го информираа за нивен бојкот. Еден од нивните аргументи беше и нереагирањето на ЗНМ на физичкиот напад кој се случил во четвртокот врз фоторепортер од „Вечер“. Втори беа новинарите на А1, кои беа присутни, но пред да се случи гласањето, организирано го напуштија Собранието во знак на протест поради односот и немањето поддршка од колегите од другите медиуми по акцијата на полицијата во зградата на телевизијата.
Кулминација на случувањата беше реакцијата на новинарите од локалните медиуми надвор од Скопје откако ниту еден новинар од внатрешноста не освои доволно гласови за да се рангира во првите десет на листата за Управниот одбор.
Со закана дека ќе се повлечат од Собранието тие изнудија инстант-гласање за проширување на Управниот одбор за уште два члена со претставници од локалните медиуми. Лирим Дулови од „Коха“ повикувајќи се на статутот побара и застапеност на етничките малцинства во УО со што тој се прошири со уште два члена, иако во него веќе имаше тројца што не се Македонци.
Новоизбраното раководство со гласање од Собранието доби задача под итно да се ревидира статутот за до идното Собрание да се овозможи застапеноста на локалните медиуми и етничките малцинства во телата да биде подобро регулирано.
Селмани откако беше избран за претседател во своето обраќање рече дека „ние од новинарството покажавме еден пример дека можеме да бидеме поделени, но покажавме дека можеме да организираме фер и демократски избори, во мирна атмосфера и резултатот што се доби на крајот, да го прифатиме сите“. Тој истовремено повика на обедину��ање на новинарите бидејќи „ние немаме што да делиме меѓу себе и во оваа мисија ние не можеме да победиме разединети“. „Отсега натаму нема веќе ’востаници’ или ’реформатори’ има само новинари“, рече Селмани, за што доби силен аплауз од сите присутни, алудирајќи на двата главни табори кои се создадоа пред н��винарските избори, а кои не се штедаа со политички етикетирања и обвинувања во меѓусебната вербална и интернет комуникација изминатите три недели. |