Мерките ги десеткуваа азилантите
Од над двесте азиланти месечно, во август во Шведска се регистрирани само десетина
Бројот на баратели на азил од Македонија во државите на ЕУ е сведен на минимум, бидејќи мерките за спречување на злоупотребите на визната либерализација даваат резултат, соопшти вчера Борче Стамов, портпарол на Министерството за надворешни работи, по состанокот на Комитетот за следење на визната либерализација. Според последните податоци, во јуни биле регистрирани околу сто барања за азил, во јули околу 80, а во август десетина, за разлика од април кога состојбата ескалираше и имаше 70 пати повеќе, односно 725 во петте најпопуларни земји - Шведска, Швајцарија, Белгија, Германија и Холанд��ја.
„Констатацијата дека мерките вродуваат со плод се должи на последните статистики од ЕК за бројот на македонски граѓани што побарале азил, како и на разговорите што ги водиме со претставниците од ЕУ, во кои тие потенцираат дека се задоволни од спроведените мерки и во крајна мера, бројот на баратели на азил е доведен на минимум“, рече Стамов.
Мерките предвидуваат казни и затворања на агенциите кои организираат патувања на азиланти, враќање на Ромите од граница ако не можеа да ја докажат целта на патувањето, ставање забрани за излегување на пасошите, предавања за правата и обврските со визната либерализација и за последиците од неоснованото барање азил и, како последно, заканата од воведување ново кривично дело - „злоупотреба на визната либерализација“ - кое е во собраниска процедура. Во рамките на проектот „Деценија на Ромите“ ќе се работи и на подобрување на социоекономските услови во нивните средини, бидејќи најголем број од ваквите баратели на азил се од оваа етничка група.
Според податоците што ги достави МНР, по двомесечниот наплив на баратели на азил во февруари, март, април и во мај, кога само во една од таргет- земјите, Шведска, беа регистрирани над двесте случаи, сега таа бројка е значајно помала. Имено, од почетокот на годинава во Шведска биле поднесени 722 барања за азил од македонски државјани, но во август аплицирале само десетина, при што досега само двајца добиле позитивен одговор и азилантски статус. Во Швајцарија, пак, заклучно со јули во процедура за азил се 432 лица, но досега не е одобрено ниту едно барање.
Комитетот за следење на визната либерализација и состојбата со барателите на азил го предводи министерот за надворешни работи, Никола Попоски, а во него се и вицепремиерите за евроинтеграција и за спроведување на Рамковниот договор, Теута Арифи и Муса Џафери, како и министрите за внатрешни работи, за правда, за труд и социјална политика, Гордана Јанкулоска, Блерим Беџети и Спиро Ристески, како и министерот без ресор Неждет Мустафа. (Н.Р.) |