Судството е во длабока криза
Фијаско на обвиненијата за корупција, тврди „Транспарентност - Македонија“
„Нашето судство е во длабока криза“, констатира „Транспарентност -Македонија“ во октомврискиот извештај што го презентираше вчера на прес-конференција. Притоа невладината организација посебно се осврнува на фијаското што го доживуваат обвиненијата за организиран криминал и корупција и на инертноста на најодговорните институции за оваа сериозна појава - Министерството за правда, Врховниот суд, Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.
Според анализата на „Транспареност“, корупциските предмети паѓаат од повеќе причини, како, на пример, лошата правна квалификација на кривичните дел од Јавното обвинителство, но и поради нестручност, незнаење и површност во работата на речиси сите субјекти на казнено-правниот систем.
„Истражните судии некритички или под притисок ги прифаќаат барањата на Обвинителството и отвораат истрага, иако немале доволно аргументи. Не функционира ниту филтерот – контрола на обвинение, па предметите доаѓаат на судење недоволно поткрепени со квалитетни докази. Користењето на таканаречените посебни истражни мерки врз кои се потпираат полицијата и обвинителството има сериозни недостатоци од аспект на законитоста и процедурата“, се потенцира во извештајот. Исто така се проблематизира и првостепената надлежност на основните судови, но и се критикува тоа што делата често ги судат млади и неискусни судии.
Истата квалификација се однесува и на Јавното обвинителство за организиран криминал. За „Транспарентност – Македонија“ посебен проблем е тоа што за изборот на судиите и на јавните обвинители не одлучува само квалитетот, туку партиските влијанија. (К.Ч.) |