Ѓубрето стана кошмар за жителите на Тетово
Одговорните не се потрудија да ја дислоцираат депонијата подалеку од урбаната средина
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Ѓубрето беше и остана кошмар за тетовци. Поради честите дефекти на комуналните возила отпад се трупа на дивото буниште кај железничката станица, речиси во центарот на Тетово. Загрижува тоа што остатоците со денови не се носат на крајната дестинација, регионалната депонија „Русино“ кај Гостивар. Од тие причини околината е загадена и континуирано го труе населението. Повремено остатоците од комунален и друг вид опасен отпад се потпалуваат, а чадот не само што се шири во најблиската населба, туку и во градските населби.
Одговорните во локалната самоуправа не се потрудија да најдат друг простор за депонирање и за дислоцирање на ѓубриштето подалеку од урбаната средина. Не знаејќи или не сакајќи да се справат со проблемот, секогаш ја префрлаат вината на друго место, иако токму градоначалникот и јавното комунално претпријатие се најповикани за заштита на животната околина.
„Проблеми ќе има се' додека не се најде друга локација за претоварната станица. Оние што живеат најблиску до депонијата се жалат и бараат спас. Општина Тетово засега нема решение за овој еколошки проблем. Надлежните фактори од локалната власт не се зафатија сериозно со проблемот што постои повеќе од една деценија“, коментира Мирче Блажевски, претседател на МЗ „Борис Кидрич“.
Директорот на ЈКП „Тетово“, Хасан Љума, потврди дека се соочуваат со тешкотии во преносот на ѓубрето. „Овој пат се заглави тешка машина во ‘Русино‘, која служи за рамнење и за нагазување на отпадот. Поради тоа, неколку дена машината не беше во функција, а ѓубрето остана кај претоварната станица. Во наредните седум-осум дена ќе го пренесеме каде што треба“, ветува Љума. Комуналците велат дека се обврзани да го соберат, привремено да го складираме и да го изнесат отпадот, но оти не се надлежни за локацијата. „Каде ќе се собира ѓубрето пред да биде пренесено во депонијата ‘Русино‘ е прашање што го определуваат органите на државата“, додава Љума. Во комуналното претпријатие се жалат и на други проблеми. До гостиварската депонија има 35 км, а ЈКП „Тетово“ било принудено да го пренесува ѓубрето со шлепери наместо со мали транспортери.
Проблем е и тоа што општина Гостивар, на чија територија се наоѓа депонијата, не дозволува пренос на отпадот во дневни услови. Ноќната работа им создавала дополнителни ризици на комуналците од Тетово. Тие велат дека во овој период од годината, поради подготвувањето зимница и паѓањето на лисјата, значително се зголемувале количините отпад. Од финансиски аспект се пожалија на две работи: цената на ѓубрарината била меѓу најниските во Македонија, а процентот на наплата изнесувал 73 отсто. Тоа значи дека за повеќе семејства во Тетово услугите околу ѓубрарината се бесплатни.
„Процентот на наплата успеавме да го зголемиме. Преземаме мерки оваа состојба да ја нормализираме“, додава Хасан Љума. Долгорочно решение на проблемот е рециклирање на отпадот, или ангажирање приватни фирми преку концесија. Хасан Љума вели дека со компанијата „Хенкел“ од Германија почнува реализацијата на пилот-проектот врз основа на договор за концесија. „Опфатени се 2.000 семејства во населбите Голема Речица, Мала Речица и Теќе. По една година странскиот партнер треба да се изјасни и за градот и за регионо��“, вели Хасан Љума.
Зоран Митревски, член на Советот на Тетово, изјави дека прашањето со депонијата повеќе пати го поставувал на седници. Имало и официјално барање за нова локација за претоварна станица, но на подрачјето на општината немало празна површина за таа намена. „Мора да се најде брзо решение“, с��ета Митревски. |