Број 3043  четврток, 23 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Политика

Нетолерантните балкански пријатели на ЕУ

Бериша, Додик, Груевски или Ѓукановиќ практикуваат нетолерантен бренд на „силен човек“ во политиката

Даниел Корски

Десет години откако европските влади почнаа да осмислуваат надворешна политика што ќе одговара на нивно здружување, резултатите се повеќе процедурални отколку суштински. Имаше зголемување на иницијативите во време на криза, како шатл-дипломатијата на претседателот Саркози за време на минатогодишната војна во Грузија, поголема соработка со ОН и формулирање заеднички стратегии за борба против тероризмот, лесното оружје и оружјето за масовно уништување. Меѓутоа, во разговорите со европските дипломати ќе забележите дека работата на ЕУ на Балканот е најсуштинскиот успех на надворешната политика на Унијата.

Иако и понатаму постојат тензии меѓу Србите и Косово, кое од неодамна е независно, како и околу немаркираната граница меѓу Косово и Македонија, никој не очекува дека засегнатите страни повторно ќе се фатат за оружјето. Малата Црна Гора имаше неколку надежни години од својата независност. Албанија, која извесно време беше отсечена, му се приклучи на НАТО на Самитот во Букурешт во април 2008 година, заедно со Хрватска. Само во Босна и Херцеговина има етнички поделби што ги предизвикуваат едни од најинтензивните мултилатерални напори во светот за изградба на држава.

Меѓутоа, овие успеси на ЕУ би можеле да бидат пофрагилни отколку што мислат голем број дипломати. Ќе биде особено тешко меѓународно раководени протекторати во Босна и Косово да создадат независен вид суверенитет во двете земји. Меѓутоа, вниманието на овие единствени случаи ќе послужи да се превидат проблемите на други места во регионот.

За земјите од Балканот евроатлантската интеграција не продуцираше зрели демократии; наместо тоа, нетолерантна форма на демократско владеење останува како норма. Иако ова е подобрување од диктаторското минато на регионот, можеби не е патоказ кон зрела демократија, фаза што треба да се мине, туку перманентна состојба предизвикана не само од политичките традиции и можностите предизвикани од транзицијата во демократија со слободен пазар, туку можеби и од природата на интеграти��ните процеси во ЕУ.

Од Црна Гора и Албанија и подлабоко во внатрешноста до Косово, Босна и Херцеговина, Македонија и Србија се појавија нова генерација политичари по 1990-тите години. Тие се залагаа за либерални идеали и ги одмеруваа силите на избори. За разлика од Украина, тие во голема мера ги почитуваа официјалните одредби од уставите. Поразлично од Русија, тие не командуваат со своите економии и не можат да им се приближат на огромните залихи од природни ресурси, што ја отстранува потребата за оданочување на гласачите. Во Централна Азија, голем број лидери го користат апаратот во стилот на КГБ за посериозно казнување дури и на поблагите форми на дисидентство; неколку балкански лидери би сакале и би можеле да го направат истото. Поинаку од лидерите од постсоветските територии, голем број балкански политичари уживаат огромна популарност, некои дури и од типот на татко на нацијата. Името Мило Ѓукановиќ стана речиси синоним за независноста на Црна Гора.

Меѓутоа, регионалните лидери - Сали Бериша во Албанија, Милорад Додик во Босна, Никола Груевски во Македонија или Мило Ѓукановиќ во Црна Гора - и покрај се', се слични со постсоветските колеги во голем број нешта. Секој од балканските лидери практикува нетолерантен бренд на „силен човек“ во политиката. Во различни степени тие се обидоа да ја централизираат власта и да обезбедат бенефиции за тесно поврзаните групи следбеници, без разлика дали се членови на семејство, клан или сопартијци. Наследното однесување - политика базирана врз семејството и кланот - преовладува во регионот.

Иако современите балкански лидери во поголем дел го избегнуваат зајадливиот и националистички јазик на своите претходници, некои се' уште се држат до нивните политики преку страв од „другиот“. Иако првично поздравуван од антинационалистичката заднина, Милорад Додик, лидер на ентитетот во Република Српска во кој живеат претежно босански Срби, честопати игра на картата страв од „другиот“ - во овој случај босанските Муслимани - и е среќен да прогласи опсадна состојба, многу слично на тоа што го правеше Слободан Милошевиќ. Минатата година лидерот на босанските Срби го отстрани знаменцето на државата од масата за време на официјална средба во јужниот град Требиње. На масата ги остави само двете знаменца, она на Требиње, а другото на Република Српска. Пораката беше: „Босанските Срби не припаѓаат на Босна“.

Подолу на југ, премиерот на Македонија, Никола Груевски, диригираше слични подвизи за да обликува еден вид славомакедонски национализам што победи на изборите. Фудбалскиот стадион во Скопје неодамна беше именуван во чест на Филип Втори Македонски, кој владеел во 4 век пред нашата ера. Македонскиот аеродром и автопатот кон Грција веќе се именувани по синот на Филип, Александар Велики. Статуи од хеленистички херои се поставуваат насекаде низ главниот град. Дури и во Албанија, каде што има неколку малцинства и помалку секташки тензии, на неодамнешните парламентарни избори беше забележан излив на национализам.

Меѓутоа, националистичките егзибиции даваат резултати само ако некритички се информира за нив во медиумите. Неколку балкански влади поради тоа го задржаа нетолерантниот став кон четвртата власт. „Фридом хаус“ соопшти дека најголем пад во слободата на печатот во 2009 година е забележан во Централна и Источна Европа, каде што новинари во Хрватска беа убиени, а напаѓани во Босна. На други места во регионот притисокот не е толку насилен, но, сепак, е видлив.

На пример, во Македонија, Владата беше брза во етикетирање на секое известување што таа го сметаше за критичко како „антипатриотско“, што според американскиот Стејт департмент „влијаеше на слободата на печатот“. Во 2008 година, Националниот совет за радио-телевизија на Албанија ја казни телевизијата Њуз 24, медиум познат по своите критики кон власта, со голема парична казна поради емитување телевизиски спот во кој се исмева премиерот Бериша. Во Србија на новинарите, исто така, им се заканува судски прогон ако објават информација извлечена од официјални документи. Тоа е она што им се случи на Драгана Коциќ и Тимошенко Милосавлевиќ, новинари во весникот „Народне новине“. Во Црна Гора судовите честопати изрекуваат високи парични казни против медиуми за клевета.

Бидејќи нетолерантниот правилник, исто така, бара замолчување на алтернативните гласови, невладините организации честопати се наоѓаат под притисок од страна на властите. На скалата од 1 до 7, при што еден ги претставува најнеповолните услови за невладините организации, „Фридом хаус“ и' даде оценка од 2,75 на Србија, на Албанија 3, а на Македонија 3,25. Кога албанската влада ја промени законската рамка што ги регулира организациите на граѓанското општество, неколку невладини организации се осмелија да проговорат. „Фридом хаус“ посочува дека невладиниот сектор во Црна Гора „продолжува да егзистира во несигурна и конкурентска средина“.

Меѓутоа, регионалните лидери не ги прави нетолерантни само начинот на кој владеат. Тука е вклучен, исто така, и начинот на кој се избираат. И покрај тоа што низ регионот се организираат „слободни и фер“ повеќепартиски избори, дури и под внимателното око на меѓународната заедница, постојана карактеристика се изборните измами. На изборите во 2008 година, во Македонија, Европската комисија забележа примери на измами, како што се кршење или исчезнување на гласачки кутии. Изборите во почетокот на годинава во Црна Гора беа оцрнети, според зборовите на ОБСЕ, од „честите тврдења за изборна измама и нејаснотиите, со што државните и партиските структури креираа негативна атмосфера меѓу голем број гласачи“. Неодамнешните избори во Албанија, исто така, наидоа на неповолно мислење од страна на ОБСЕ. Позитивните случувања беа „засенети од политизирањето на техничките аспекти на процесот и насилствата забележани за време на кампањата што ја поткопаа довербата кај јавноста во изборниот процес“.

Истрајноста на нетолерантното владеење на Балканот не претставува изненадување за голем број познавачи на регионот. Работите не се полоши во споредба со претходно; многу (не сите) сегашни групи на регионални лидери ја презедоа власта од првата посткомунистичка генерација, кои беа еднакво нетолерантни, ако не и понетолерантни. Меѓутоа, по десет години од ангажирањето на ЕУ и три години од смртта на Слободан Милошевиќ, официјално последниот моќник во регионот, проблемите и понатаму постојат.

Ова делумно може да биде објаснето со локални фактори - политички можности креирани од транзицијата кон демократско владеење, слабоста на официјалните и неофицијалните институции и историја на моќници - од кралеви до генерали, до националистички демагози и тирани од комунистичката ера - што ги оформуваа локалните замисли за управување. Без разлика што и да направат личностите како Слободан Милошевиќ, Енвер Хоџа и Тодор Живков, тие можеби го всадија моделот на лидерство во балканската психа, кој е тешко да се отстрани. Во период на економска и социјална криза - глобалната економска криза особено тешко ги погоди земјите од Западен Балкан - многумина би можеле да почувствуваат носталгија за силните моќници од минатото.

Кој и да го држи Балканот заклучен во временска капсула на нетолерантно владеење, ЕУ ќе направи добро ако истражи како влијание имаат нејзините политики врз природата на лидерството во регионот. Блокирањето на пристапот на земјите од Балканот во ЕУ, најверојатно, ќе резултира со забавување на реформите. Меѓутоа, продолжувањето по сегашната траекторија би можело да го истргне од ЕУ еден од нејзините единствени успеси во надворешната политика, а од луѓето од Западен Балкан вистинската демократска иднина.

(Текстот е објавен во „Европски совет за надворешни работи“)


#
Статијата е прочитана 785 пати.

Испрати коментар

Од: Политички аналитичар
Датум: 23.07.2009 09:02:24
Авторот релативно добро ги оценува состојбите во земјите од З. Балкан. Меѓутоа, неговото мислење дека младите лидери од овие земји „не ја контролираат економијата“ не држи вода! Тоа можеби важи за српските лидери, поточно за Тадиќ и донекаде за Албанија и Федерацијата БиХ. Меѓутоа, премиерите на Македонија, Ц. Гора и Република Српска, Н. Груевски, М. Ѓукановиќ и М. Додик директно и целосно ги контролираат економиите во спомнатите земји!

Најди! во Утрински
Политика
Полемика за реформа на кривичното законодавство
МАТ ја обвини АЦВ за двојни аршини
Политички пазар за МВР ќе го пречека Оли Рен
На референдум со стар избирачки список
Интелектуалци од Македонија во српско четничко движење?