Во Хелсинки средба Милошоски - Фрид
Хелсинки – НАТО-интеграцијата и спорот за името беа главни теми на средбата на министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, со помошникот на државниот секретар на САД, Даниел Фрид, одржана во Хелсинки за време на 16. сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ.
„Разговаравме најмногу на темата НАТО-интеграција, но и за проширувањето на Јадранската повелба, со која Македонија претседаваше овој пат и ги покани Босна и Херцеговина и Црна Гора да се приклучат во оваа група. Сметаме дека тоа ќе помогне за регионалната соработка“, изјави министерот Милошоски.
Шефот на македонската дипломатија својот соговорник го информирал и за назначувањето нов специјален пратеник во однос на спорот за името со Грција. Помошникот на државниот секретар
на САД, Даниел Фрид, изрази надеж дека спорот со името ќе биде брзо решен и оти Македонија ќе се приклучи во НАТО.
Милошоски во Хелсинки се сретна и со министерот за надворешни работи на Туркменистан, Рашид Мередов, за каде што, како што најави, Македонија предложи свој амбасадор за шеф на Мисијата на ОБСЕ во оваа земја. (МИА) |