„Тупаница полна љубов“ го воодушеви Берлин
Претставата на Дејан Дуковски во изведба на триото од МНТ, Јелена Јованова, Сенко Велинов и Горазд Цветковски, премиерно пред македонската публика
Невена Поповска
Претставата „Тупаница полна со љубов“, која претставува своевиден музички театар, работена според текстот „Празен град“ на Дејан Дуковски, денеска и утре, со почеток во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар премиерно ќе биде изведена пред македонската публика. Минатата недела претставата премиерно беше одиграна на фестивал во Берлин, каде што долготрајните аплаузи и овациите на публиката биле основниот белег на гостувањето на македонското трио од МНТ: Јелена Јованова, Сенко Велинов и Горазд Цветковски.
Оригиналната музика за претставата е дело на Санди Лопичиќ, а на сцената ја изведуваат: Џијан Емин, Иван Бејков, Георги Шаревски и Александар Секуловски. „Уникатно е чувството со изведбата на музиката во живо. Претставата не би била целосна доколку би се изведувала со снимена музика“, рече Горазд Цветковски на вчерашната средба со новинарите.
„Оваа соработка произлезе како иницијатива од драматургот Дејан Дуковски и неговата соработка со Санди Лопичиќ, кој е композитор и режира театарски претстави. Имавме две исклучително успешни изведби и на една од нив имаше присуство на луѓе од Балканот. Добивме многу позитивни реакции од публиката и од критиката. Она што го добивме како првична критика беше навистина исклучителна. Очигледно, го допревме сензибилитетот на германската публика“, рече на средбата со новинарите Нелко Нелковски, секретар за меѓународна соработка во МНТ.
Медиумите во Германија немаа доволно зборови да ја опишат успешната изведба на балканското трио. „Македонските уметници блескаа на првиот европски фестивал за поразличен музички театар, на сцената на оперската куќа Нојкелн во Б��рлин“, пишуваат тамошните дневни весници.
Оној што ја познава досегашната заедничка работа на Дејан Дуковски и на Санди Лопичиќ, сигурно ќе го препознае „коктелот“ од комични и трагични елементи, од жестокост и повредливост, од виц и претерување, кои и овој пат доминираат на сцената. Црниот балкански хумор се потврдува како фатална стратегија да се преживее. Целата претстава, всушност, е ремикс на западната филмска музика, рок од осумдесеттите години и македонските традиционални ноти.
„Германците беа изненадени што се случи нов жанр, не е ниту мјузикл, ниту театарска претстава, ниту опера и кабаре. Се случи театар измешан со концерт, рок и мјузикл. Претставата помина убаво. Првата вечер имавме пет биса, а втората, исто така, имаше голема посетеност“, рече Цветковски.
Нелковски информираше дека веќе е планирано претставата да гостува на повеќе европски фестивали. |