Низ пеколот и чистилиштето со „Третиот“
Негувањето на танцувачката страст преку образование е духот на шестиот „Танц фест“
Миркица Поповиќ
Отворањето на годинешниот „Танц фест“ измами насмевка. Првиот пат, затоа што годинава фестивалот го прославува и остварувањето на сонот на кореографката и уметнички директор на фестивалот, Рисима Рисимкин, а преку тоа и сонот на сите идни танчери што ќе се запишат на новата Академија на современ танц, која од септември ќе биде отворена во состав на Универзитетот ЕСРА. Вториот, кога една од основоположниците на македонската балетска сцена и прв поборник за отворање Средно балетско училиште, професор Татјана Петковска, при примањето на националната награда „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцот ја прегрнаа група мали девојчиња балерини. Разнежни глетката на трите генерации балерини, Петковска, Рисимкин и малите ученички, кај кои штотуку почнува да се создава жарта за игра на сцена. А токму тоа негување на танцувачката страст преку образование е духот на шестиот „Танц фест“
Од овие нежни сцени, публиката беше буквално фрлена во друга крајност преку мрачниот почеток на претставата „Третиот“. Тишина завладеа во големата сала на Македонската опера и балет. Двајца ангели, кои се досадуваат и еден отпадник, кој сака да влезе во нивниот свет. „Третиот“ во кореографија на Рисимкин, а во изведба на танчери од Академијата за современ танц од Ротердам, е базирана на мотиви на „Божествената комедија“ на Данте Алигиери, кои, како што велат креаторите на претставата, е само појдовна точка за претставата, која се занимава со човекот и со неговото патување низ еден пекол, чистилиште за да се дојде до рајот, за кој нема гаранција дека ќе одговори на нашата илузија за него. Публиката остана од почеток до крај вплектана во мрежата на чистите, страсни движења на танчерите кои стануваа уште помоќни со звуците на музиката на Кирил Џајковски. Самата претстава ескалираше со добро познатото парче на Џајковски „Primitive Science“. Гледачите коментираа дека поради симплифицираната кореографија на чисти, отсечни движења и одличната синхронизација на движења во групните сцени, на моменти им се чинеше дека гледаат изложба на уметнички слики. Патувањето со „Третиот“ беше прочистување на духот на публиката на „Танц фест“. Заврши експлозивно, филмски, со последна сцена иста како и првата, потсетувајќи дека крајот е само нов почеток, дека кога завршува едно патувањето на една единка, нечие друго започнува токму тогаш.
„Третиот“ ќе гостува денеска и во Битола, што е првпат на „Танц-фест“ голема фестивалска претстава да гостува во друг град. Меѓу годинешните учесници се и Ана Рети од Унгарија со „Инсиде оут“ и Игор Киров со своите наградени кореографии подготвени специјално за затворањето на фестивалот на 19 април.
Првпат на фестивалот ќе има и урбани танци и кореографски точки на стрит-денс и хип-хоп - актуелен сценски израз во Европа. Новина на шестиот „Танц-фест“ е и „Парадата на танцот“ што ќе се одржи на 18 април на улица „Македонија“, на која со илјада учесници ќе биде обединета аматерската и професионалната танцова сцена во Македонија и ќе бидат одбележани 20 години од современата танцова сцена во земјава.
На свеченото отворање на „Танц-фест“ покрај наградата „Менада“, која и' беше врачена на професорката Татјана Петковска за нејзините заслуги во развојот и афирмацијата на едукацијата во танцовата уметност, а специјална награда, Советот на фестивалот и' додели на холандската амбасадорка во Република Македонија, Симон Филипини, за поддршката на развојот на современиот танц во Македонија и за оформувањето на неговата инфраструктура - „Танц-фестот“ и Академијата за танц - прва високообразовна институција за овој вид уметност, која од октомври ќе ги прими првите студенти во рамките на Универзитетот ЕСРА. |