Манипулации со солидарниот погреб
Битолчани се чувствуваат изиграни по веста дека „Комуналец“ веќе нема да менаџира со погребалните услуги, туку тоа ќе го прават приватни фирми
БИТОЛА - Јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола ги откачи погребалните услуги од листата на дејности. Истовремено, на улица остануваат 15 вработени од „Комуналец“, кои работеа во продавницата за погребална опрема и гробарската служба.
Ваквата новина внесе немир меѓу битолчани, кои со години плаќаат по 100 денари за солидарен погреб на сметката за комуналии. Граѓаните се чувствуваат изманипулирани по веста дека „Комуналец“ веќе нема да менаџира со погребалните услуги, туку тоа ќе го прават приватни фирми. „Комуналец“ пресмета дека од досегашните 14.260 денари колку што трошело претпријатието при секој солидарен погреб, на семејството на покојниот сега ќе им се исплатува само половина од таа сума, или 7.300 денари.
„Со децении плаќав по 1.200 денари годишно за солидарен погреб, а сега моите блиски ќе треба да се задолжат. Ова е чиста кражба и манипулација со граѓаните, особено со оние посиромашни��е. Приватните фирми ќе ги соголат фамилиите, па на крај ќе излезе дека двапати сме платиле за умирачка“, реагира Васил Савески, пензионер од Битола.
Промените наидоа на жестоки критики од опозицијата, бидејќи се туркаат без отчет пред советниците, иако Советот е основач на локалните јавни претпријатија. Според советниците од СДСМ, ЈП „Комуналец“ ги стави граѓаните во мат позиција - или ќе ги прифатат понудените пари или сосема го губат правото на солидарен погреб.
„Јавното претпријатие исплаќа само половина од сумата за погреб. Пострашно е тоа што граѓаните немаат право на избор. На тој што нема да го потпише новиот договор со претпријатието за солидарен погреб, му пропаѓаат сите пари што ги давал со години“, обвини Златко Ќурчиевски, советник на СДСМ.
Со згаснување на погребалната дејност осуммина возачи и продавачи на погребална опрема, како и седуммина гробари ќе останат без парче леб. Прашање е на добра волја дали двете приватни фирми што имаа лиценци за погребални услуги ќе ги земат во своите тимови отпуштените работници.
„Од Јавното претпријатие тврдат дека нема можност да ги задржат на работа. А најде начин да вработи 18 нови преку Агенцијата за вработување. Згора на ова, Општината годинава префрли 27 милиони денари на ‘Комуналец‘ за одржување на јавните зеленила. Значи, на таа пара тарапана е неразумно претпријатието да отпушта луѓе од работа“, реагира Ќурчиевски.
Од битолски „Комуналец“ се правдаат дека одлуката повеќе да не вршат погреби и да не продаваат погребална опрема не е нивна, туку на Владата и важи за сите комунални претпријатија.
„Сега единствено можеме да ги обесштетиме парично корисниците на солидарниот погреб. Средствата ќе бидат доволни за погребална опрема, за превоз и за погребување, додека услугите во капелата ќе бидат бесплатни“, уверува директорот на ЈП „Комуналец“, Јовко Крстевски, инаку локален лидер на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.
Што се однесува до судбината на петнаесетте вработени во погребални услуги и самиот Крстевски признава дека е неизвесна. „Неколку пати им предложивме на овие работници сами да направат погребално друштво, но тие се плашеа да преземат таква функција. Јас сум убеден дека тоа е профитабилно друштво што може да опстои“, смета првиот човек на битолски „Комуналец“. (А.Б.) |