Кој ги лапна парите за еколошки проекти
Пелагониските општини се жалат дека не добиле ниту денар на своите конта како надомест за загадувањето од РЕК „Битола“
БИТОЛА - Каде исчезнаа парите што требаше да им ги исплати РЕК „Битола“ на трите пелагониски општини за 2010 година како надомест за загадување? Битола, Новаци и Могила очекуваа 33 милиони денари на општинските конта како обештетување за загадувањето од комбинатот. Тука ситуацијата воопшто не е чиста, бидејќи наменските средства никаде ги нема. ЕЛЕМ вели дека парите легнале на буџетска сметка, од Министерството за екологија тврдат дека не се кај нив, а општините се жалат дека не добиле ниту денар. Со парите од РЕК општините требаше да реализираат еколошки проекти. Дел од нив се сосема завршени, ама на вересија.
Овие средства со владина одлука ги издвојува ЕЛЕМ, во износ од 0,007 денари од произведен и продаден киловат час електрична енергија. По оваа основа, Битола очекуваше 16 милиони денари, Новаци 4,3 милиони денари, а Могила 3,4 милиони денари. Општините почнаа со работа на проектите од сопствените буџети, во надеж дека тие пари ќе им се вратат.
„Работиме на три предвидени проекти. Имавме гаранција дека ќе добиеме пари, но ги нема. Ако тие средства не стасаат во Битола, ќе мора да ги надоместиме сами, од буџетот. Останува да веруваме дека во прашање се некои технички пречки што наскоро ќе се коригираат“, вели градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Во иста ситуација е општината Новаци, во чиј двор е загадувачот.
Градоначалникот Лазар Котевски вели дека тендерите за проектите се завршени, а парите од РЕК се влезени и во буџетите за лани и годинава.
„Пари не видовме за лани. Ако не се прекине со практиката за неисплаќање на отштетата од загадувањето, ќе бараме смена на формулата. Најголемиот дел од парите да биде за Новаци, бидејќи жителите најмногу го трпат загадувањето од РЕК“, смета Котевски.
Градоначалникот на Могила вели дека немаат информација каде закочила исплатата. „Веќе ги исчистивме одводните канали во општината. Има и други проекти кои не се започнати кои треба да се покријат со парите што ги очекуваме“, вели градоначалникот Славко Велевски.
Од ЕЛЕМ убедуваат дека парите тековно се исплаќани и дека се целосно легнати на трезорска сметка. Но не знаат зошто општините се' уште не ги добиле. „Прашајте во Министерството за екологија каде се парите. Средствата за трите општини целосно се исплатени“, тврди Мирче Котевски, портпарол на ЕЛЕМ.
Но на чија сметка завршиле парите од РЕК не знаат ниту во Министерството за животна средина. Соња Липиткова, заменик-министер за екологија,објаснува дека за овие пари се надлежни неколку ресори. Едно министерство правело распределба на парите, друго ги контролирало проектите, трето менувало закони за оваа намена, а четврто плаќало.
Се обидовме да контактираме и со министерствата за локална самоуправа и за финансии, но добар дел од службите не беа запознати дека РЕК плаќа обесштетување за загадувањето во Пелагонија. (А.Б.) |