Нови книги
„Клада и пламен“ Од Еуџен Урикару, „Макавеј“, 326 страници
Романскиот писател Еуџен Урикару, еден од најпопуларните и најчитаните автори во својата земја, деновиве е претставен во Македонија со неговиот најафирмиран роман „Клада и пламен“. Роман има историска позадина која се однесува на романскиот период под турското владеење во 19 век и за патриотските и пожртвуваните чекори на Романците за ослободување. Писателот Еуџен Урикару денес е во самиот врв на романската и европската литература. Напишал десетина романи и пов��ќе книги есеи и новели. Според романот „Клада и пламен“ во Романија беше снимен еден од најуспешните современи романски филмови кој освои повеќе награди на меѓународните фестивали.
„Собирач на автограми“ Од Зејди Смит, „Или-или“, 454 страници
Алекс-Ли Тандем има чудна професија: тој продава автограми, ги лови имињата на славните луѓе запишани на хартија, ги собира и ги препродава, но исто така и ги фалсификува, сакајќи да им го даде на луѓето она за што сонуваат: мал дел од славата. Алекс оди во потрага по автограмите на два континенти, се обидува да ги разбере мистичните филозофии на Кабалата и Зен-будизмот, станува збунет сведок на уништувањето на неговиот сопствен живот и, сосема случајно, успева да открие еден мал дел од неговото вистинско „јас“, кое не може ниту да се купи ниту да се продаде, туку мора да се прифати. Собирач на автограми е истовремено трогателен и комичен осврт на празнините на денешното модерно живеење во кое симболите доминираат над искуството. Зејди Смит, новото големо име на британската книжевност, уште еднаш напиша голема и значајна книга во која се зборува за теми кои се сосема малку застапени во современата литература.
„Есеј(от) како вежбалиште“ Од Јелена Лужина, „Блесок“, 198 страници
Веќе стотина години, книжевната наука се отепува од докажување оти литературата е навистина „тешка форма“. Тешка во сите три модалитети од нејзината бизарна егзистенција: инкубацијата, (за)пишувањето, читањето! Читателот треба да е вистински Атлант за таа силна тежина да ја издржи. Од сопствениот читателски опит знаеме дека, за среќа на нашиот горделив скрипторски занает, читателите се „помасовни“ и поиздржливи – многупати и подобронамерни – отколку ние, „(за)пишувачите“, вели на едно место авторката во книгата.
„Сказната за солунската армија“ Од Џ. Вард Прајс, „Селектор“, 338 страници
Ова дело до најситни детали ги опишува речиси сите воени настани, судири и борби што ги воделе Сојузничките војски:француската, британската, италијанската, руската, заедно со српската која по страотното повлекување преку албанските гудури покриени со снег, речиси преполовена, стигнува кај Валона за да ја префрлат на островот Крф и така возобновена и препородена се приклучува во базата во Солун за да учествува во најодлучните и завршни борби на војната. Во предговорот на книгата, авторот вели: „содржината на оваа книга во која се зборува за тешкотиите под кои Британската армија во Македонија храбро ја извршуваше својата должност, во извесна мера, може повеќе да им послужи на оние што ги познаваат фактите одошто како Хамлет без Принцот од Данска.“
|