Ева Липске, лауреат на „Денови на Наим“
ТЕТОВО - Полската поетеса од светски глас Ева Липске е годинешен лауреат на манифестацијата „Денови на Наим“ што традиционално се одржува во Тетово. Нејзиното прогласување се изврши на синоќешното отворање на манифестацијата на која притоа и' беше врачена статуетата „Наим Фрашери“ и паричниот дел од наградата. Денеска ќе се изврши и нејзиното промовирање закажано на митингот на поезијата.
Лауреатката Липске родена е 1945 година во Краков, Полска, и до сега има објавено 20 збирки поезија. Преведена е на англиски, дански, германски, холандски, чешки и унгарски јазик. Нејзиното п��етско творештво од критиката е оценето како драматично и непредвидливо како дискурс на незаштитената индивидуа во борбата за опстанок често завиен во парадокси. Поезијата на Липске препознатлива е по внатрешниот монолог, филозофската дигресија и наративната линија на една историја како елементи на универзална историја. Во 90-тите години била акредитиран застапник на полската култура во Виена. Годинава е номинирана за Нобелова награда за литература.
Овогодишната поетска манифестација „Денови на Наим“ се одржува по 14 пат и наликува на фестивалот „Струшките вечери на поезијата“ со тоа што овде доминираат творци на албански јазик. Во моментов на манифестацијата во Тетово присуствуваат 40 поети од 20 земји - Италија, Франција, Германија, Карибите, потоа од сите соседни држави и од нашата земја. Освен митинг на поезијата, за денес е предвидена промоција на новосоздадени поетски творби меѓу две манифестации. „Деновите на Наим“ завршуваат утре кога на поетскиот глобус ќе бидат прогласени добитниците на другите три награди што традиционално се доделуваат. (Г.Е.) |