Преполна сала на отворањето на Фестивалот на германски филм
Се чини дека нешто во Скопје се случува. Младиот отворен театар помина одлично, со преполни сали и многу добра атмосфера. Истата слика се повтори прексиноќа, на отворањето на 6. Фестивал на германски филм. Киносалата „Фросина“ во МКЦ беше толку полна, што се стоеше и се седеше на скали. Навистина одамна не сме виделе таква атмосфера во Скопје и ова е нешто што влева надеж дека публиката, сепак, почнува да ги препознава и да им се враќа на културните настани.
На отворањето на фестивалот навистина зборуваа многумина, но мора да се каже, дека тоа не беше ниту предо��го ниту конвенционално, туку ноншалантно и симпатично. Можеби заради тоа што немаше политичари... Шега на страна, но отворањето навистина помина во пријатна атмосфера за која придонесе и изборот на филмот „Пријателство“ на Маркус Голер. Некако овој филм на најдобар начин го потенцираше токму мотото на фестивалот, „20 години обединување“, низ приказната за двајца пријатели кои по падот на Берлинскиот ѕид тргнуваат на пат за Америка. Има во филмот се', и шегување со стариот систем, и една забавна иронија со сето она што значеше комунизмот, но и со американската фобија спрема него. Голер успева многу добро и со мерка да си поигра и со многу стереотипи за американскиот сон, но и со симболите кои само пред неколку години претставуваа најлоша ноќна мора. Забавно, лесно, приемливо, публиката реагираше одлично, создавајќи една навистина многу опуштена атмосфера. Топлата приказна за пријателството беше бекграундот, но оној вистинскиот.
Амбасадорката на Германија, Марија Улрике Кноц, не заборави целата оваа манифестација да им ја посвети и на македонските автори. Првенствено таа му направи голема чест на македонскиот режисер Милчо Манчевски, поздравувајќи го неговото присуство и потсетувајќи ја публиката дека неговиот нов филм „Мајки“ ќе биде прикажан во програмата „Панорама“ на Берлинскиот фестивал следната година. А потоа таа истакна дека последниот ден од фестивалот ќе биде прикажан и филмот „Девојчето што бере тутун“ на Билјана Гарванлиева, велејќи дека Гарванлиева живее и работи во Германија, но дека има голема љубов кон својата земја на која и се посветени нејзините филмови. (С.У.) |