Со театрите се' е в ред, уште само да се донесе закон
Министерката за култура, Канческа-Милевска, и директорите на театрите заеднички потврдија дека во театрите состојбата е многу подобрена
Сунчица Уневска
На седницата на Советот за култура со директорите на театрите и на Центрите за култура во кои функционираат театрите во Македонија, било заклучено дека во најскоро време треба да се донесе Закон за театарска дејност. Другите конкретни заклучоци од оваа средба, како што информираше министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, се однесуваат на тоа дека во нашата земја треба повторно да заживее кабаретската театарска форма и дека театрите кои функционираат во Центрите за култура, треба да се издвојат и да работат како самостојни институции.
Се' на се', заклучоците од оваа средба биле апсолутно позитивни. Интересно е дека покрај сите проблеми со кои се судираат театрите, како и проблемите околу кои многу се пишуваше на иницијатива на самите актери и театарски работници, сега се решени и се' е многу позитивно, за што е заслужно Министерството за култура и огромната поддршка која тоа ја дава. Така, претседателот на Советот на култура, Цветан Грозданов, нагласи дека немало побарување од театарските кругови кое не било исполнето, тргнувајќи од барања за зголемување на плати, за поддршка на репертоарот, за кадровската политика, вработувањата. Тој, исто така, нагласи дека апсолутно нема никаква партизација во театрите и дека сите режисери имале можност да работат. Тоа го потврдија и сите присутни директори, освен директорот на МНТ, Сашо Миленковски, кој не беше присутен.
Министерката за култура, Канческа - Милевска, дообјасни дека на средбата било заклучено дека прогресивна е сумата на средствата која се одвојува за поддршка на театарската дејност. Таа рече дека во театрите се вработени 134 лица, од кои 50 се актери, кои долго време работеле под договори. Платите се зголемени за 60 проценти и како што рече, веќе нема недостоинствени примања, кои не се менуваа со години. Дека веќе луѓето не работат во такви невозможни услови како порано, со оглед на тоа што Министерството вложува многу и во инфраструктурата. Освен тоа, како што нагласи министерката, за првпат се вложува и во независната сцена и оваа година, покрај 58 премиери во националните театри, реализирани се и 12 независни театарски проекти.
Што се однесува до законот за театар, како што рече Љубиша Георгиевски, тој е сега на ниво на идеја, како што впрочем бил и 30 години. Но, сега е договорена процедурата, во план е да има и широка јавна расправа, да се работи транспарентно... Беше објаснето и зошто е потребно кабаре, дека тоа ќе придонесе театарот да се приближи до гледачите, да им овозможи разбигрижа. На крајот испаднаа виновни новинарите, бидејќи, како што рече директорот на Драмски театар, Бранко Ѓорчев, во недостаток на релевантни пишувачи и театарски критичари, се одело на булеварско пишување и на обвинување за партизација. Имено, со театрите се' е во ред, уште само да се донесе закон. |