НСДП оспори одредба од Деловникот
Тројцата пратеници од НСДП - Тито Петковски, Соња Мираковска и Горан Мисовски поднесоа иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста и законитоста на член 157 од собранискиот Деловник. Според овој член, во ситуации кога се носат закони по скратена постапка и нема општа расправа за нив, им се оневозможува на пратениците кои не се членови на пратенички групи да го изнесат своето мислење по предлог на законот. Тие сметаат дека не може правата и должностите на пратениците да се условуваат со тоа дали тие се членови на пратеничка група или не се. „Напротив, пред Уставот и Законот за пратеници сите пратеници имаат еднакви права и должности во работата и одлучувањето на Собранието“, додаваат од оваа партија. (П.Р.)
|