Бура околу наградите „Јасмин“
Професорот Томе Неновски и новинарите Горан Момироски и Кадрие Зејнулаху се годинашни добитници на престижната награда за публицистика и новинарство за 2008 година „Мито Хаџивасилев-Јасмин“. Професорот Неновски и новинарката од Македонско радио, Зејнулаху, ја делат наградата за публицистика, додека наградата за новинарство оди во рацете на Момироски од А1 телевизија.
Конечната одлука за добитниците, која официјално се очекува да се соопшти в недела, веќе наидува на револт кај дел од кандидатите кои ја спорат исправноста на одлуката на Одборот што одлучуваше за кандидатурите за публицистика.
Според нив, зачудувачки е како една одлука што била донесена од Комисијата се променила на седница на Одборот при конечното гласање. На седница на Комисијата за публицистика најголем број гласови добил професорот Јове Кекеновски пред професорот Томе Неновски.
„Очигледно е дека при изборот имаше притисоци, што подоцна се виде и кога се избраа кандидатите кои победија. Некои од кандидатите беа прв пат соопштени пред Одборот, иако претходно не беа ниту споменати кога работеше Комисијата“, вели еден од незадоволните кандидати.
Инаку, според процедурата, пријавите на кандидатите се разгледуваат прво на седница на комисиите за публицистика и новинарство, а потоа и на седницата на Одборот, кој се состои од двете комисии, а брои тринаесетмина членови.
Претседателот на Одборот, Димитар Мирчев, уверува дека изборот на добитниците бил спроведен согласно со правилниците и дека нема ништо незаконско во поглед на процедурите околу добиените гласови.
„Ако некој се лути, не можеме да му помогнеме“, коментира
тој. (Ж.Х.З.) |