Без Русевски и во Словачка
Изоставен и Мартиноски, место кого е повикан Деари, покрај Магдинчев, Грабулоски и Јотовски Роберт Димитриевски
Најдобриот македонски тенисер Предраг Русевски нема да игра за репрезентацијата ни против Словачка од 18 до 20 септември во Братислава во натпреварот за опстанок во Првата група од Евроафриканската зона на Дејвис купот. За разлика од претходниот меч во јули со Белорусија во Минск, кога одби да настапи, овој пат популарниот Пецко не се ни најде на списокот на селекторот Дејан Маринковиќ. За дуелот со апсолутниот фаворит, кој ќе се игра на тврда подлога „латекс“ во познатата „Сибамак арена“, на местото на Русевски, кој е 684. на АТП-листата во поединечна конкуренција и 801. во двојки, Маринковиќ го повика Шендрит Деари (1596. во сингл и 1438. во дубл). Од поразот од 4:1 во Минск го нема Илија Мартиноски (1062. и 1065.), кој неодамна замина на колеџ во САД, а од тој натпревар повторно во националниот тим се Димитар Грабулоски (1087. и 1408.), Томислав Јотовски (1821. и 1396.) и Лазар Магдинчев (617. во двојки). Тие вчера ги почнаа подготовките на бетонските терени кај хотелот „Александар палас“, а за Словачка ќе заминат в недела наутро.
„Словачка има подобар индивидуален квалитет на секоја табла и од таа гледна точка илузорно е да се очекува дека можеме да ја изненадиме на нејзин терен. Секогаш сум оптимист, но сега, реално, шансите ни се минимални. Тоа не значи дека не треба максимално сериозно да му пријдеме на овој натпревар, бидејќи, сепак, ја претставуваме Македонија“, ни изјави селекторот Маринковиќ. Тој нема дилеми дека двата сингл-меча во првиот натпреварувачки ден ќе ги одиграат Грабулоски и Магдинчев, кои ќе настапат и утредента во двојки, како во Минск, а во случај на водство на противникот од 3:0, последниот ден ќе добијат шанса Јотовски и Деари.
„Грабулоски и Магдинчев се најподготвени и имаат најголемо искуство на тврда подлога“, кратко ја објаснува својата одлука селекторот.
Неговиот колега Милослав Мечир за втората меѓусебна пресметка во Дејвис купот се определи за Лукаш Лачко (156. и 524.), за Доминик Хрбати (159. и 153.), за Мартин Клижан (264. и 519.) и за Филип Полашек (24. во дубл.). Ветеранот Хрбати (31) единствен од нив играше против Македонија и пред две години во Скопје, кога Словачка славеше со максимални 5:0.
ПОБЕДА НА ЈОСИФОСКА ВО САРАЕВО
Александра Јосифоска и Ема Бургиќ од Босна и Херцеговина ја оправдаа улогата на четврти носителки во двојки, стартувајќи со победа на фјучерсот во Сараево, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 10.000 американски долари. Јосифоска и Бургиќ слав��а со убедливи 6-2, 6-1 против Кимберли Касар од Малта и Мариса Џаноти од Австралија, а во четврт-финалето ќе играат со Србинките Зорица Петров и Александра Туцаков.
Најдобрата македонска тенисерка на истиот турнир е прва носителка во сингл.
|