Лов на дрвокрадци
Полицијата приведе неколку лица во Скопско и на Шар Планина, кои немилосрдно ги соголувале шумите
Гојко Ефтоски
Едно лице е приведено, а по три се трага по завчерашната акција на полицијата кај скопското село Осинчани за разбивање на шумската мафија. Ова е последната од серијата акции на МВР во изминатиот период за лов на дрвокрадците, кои ги опустошија планините во земјава, соголувајќи ги со бесправна сеча на дрво. Цел на шумската мафија се најдоа планините во Скопско и во Тетовско, каде што речиси секојдневно поминуваат камиони натоварени со диво исечени дрва. Само во текот на август годинава полицијата фатила шестмина дрвокрадци во Тетовско, кои живееле од бизнисот со сеча на бука.
Полицајците од станицата во Драчево завчеравечер во акција кај селото Осинчани околу 21,30 часот пресретнале две товарни моторни возила натоварени со дрва. Четворицата дрвокрадци веднаш побегнале, но полицијата успеала да приведе еден од нив. Станува збор за С.Џ. (33), жител на скопското село Елово, но се трага и по тројцата бегалци што биле дел од мрежата дрвокрадци.
Од шумската мафија никако да се спаси ниту Шар Планина, која повторно е нападната од диви сечачи, кои беспоштедно ги уништуваат најубавите и најквалитетни дрвја. Дека дивата сеча не престанува потврдуваат последните три случаи што ги открија надлежните органи. Очевидци велат дека Шара се соголува по целата источна страна во тетовскиот крај.
Нашите извори тврдат дека дивите дрвосечачи не се определуваат за дрва што служат за огрев, туку, пред се', крадат прави и квалитетни, кои се сечат на поголема должина. На удар на дивосечачите е буката, која доминира на Шар Планина, но се краде и костенот.
Трите случаи што се регистрирани од надлежните органи завршија со пријави до надлежните судови. Еден дрвокрадец од селото Слатино е фатен неодамна во месноста Три Води над Брезно. Тој ја искористил ноќта како сојузник и успеал да побегне заедно со натовареното возило со дрва. Полицијата, сепак, успеала да го пронајде и против него ќе биде поднесена пријава. Од извори на шумската полиција дознаваме дека месноста Три Води, главно, е нападната од диви дрвосечачи од селото Слатино. Според овој извор, само во текот на август се фатени шестмина диви сечачи против кои веќе биле процесуирани пријави.
Три Води е еден од најживописните реони на Шар Планина. Неколку години постојано има диво сечење дрва и се соголени големи површини. Високо исечените корени потсетуваат на неконтролираното уништување на големото шумско богатство.
Над селото Гајре Шумската полиција на самото место затекла веќе товарен трактор со висококвалитетни трупци. Фатен е и дрвосечачот, кој признал дека возилото е негово, по што натоварените дрва ги пренел и ги растоварил во дворот на Шумската полиција во Тетово.
Третиот случај е откриен во Тетово, во Горна Чаршија. Инспекторите откриле товарено возило со трупци, во близина на стариот млин на „Жито Полог“. Во обид за легитимирање, дрвокрадецот со своето возило намерно удрил во патничкото возило на Шумската полиција и побегнал. Сепак, тетовската полиција го пронашла и го расчистила случајот. Товарените дрва биле собирани во околината на Вејце.
Во тетовската Шумска полиција најавуваат континуирани активности за спречување на уништувањето на шумскиот фонд на Шара. Велат дека тешко се справуваат со дивите сечачи, особено што во последно време се забележува групно движење кон нападнатите реони за сеча. Имало случаи на колони од 10-ина и повеќе трактори и други возила. Во вакви случаи справувањето е отежнато. Се' почесто се случува и некој да им дојави на дрвокрадците за движењето на инспекторите и на полицијата, со што им помага да се скријат и да им побегнат на контролите. Сепак, Шумската полиција најавува поорганизирани активности заедно со редовната полиција, со цел да го спречи уништувањето на шумите и заштита на Шар Планина. |