Обновени улици - роденденски подарок за жителите од Тафталиџе
Со симболично пуштање во употреба на реконструираните улици „Варшавска“, „Букурешка“ и „Дамаска“ во Тафталиџе, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вчера ги заврши седумдневните активности како дел од одбележувањето на 34. роденден на Општината. За обнова на трите улици се потрошени 20 милиони денари, при што се реконструирани коловозите, тротоарите, рабниците, а обновена е и сигнализацијата.
По повод роденденот, чија прослава вчера требаше да „финишира“ со концерт на Бајага и Влатко Стефановски во салата „Форца“, општинарите свечено ја означија и преселбата во новите простории.
Од денеска поголемиот дел од администрацијата е преселен во објектот на поранешното училиште „Братство“, кај последната автобуска постојка на „24“-ка во Нерези. Дел од службите се' уште ќе работат во бараките во близина на ТЦ „Лептокарија“. Јакимовски информира дека граѓаните своите административни потреби во Општината ќе можат и понатаму да ги вршат во инфоцентарот сместен во општинските бараките во Карпош, но и во новоотворениот центар на новата адреса на Општината. (Дс.Т.) |