Исчезнати милионски договори за „Скопје 2014“?!
СДСМ обвини дека станува збор за мега-скандал во кој свесно се уништени тендери на 14 проекти
Деспина Трајковска
Дел од милионските договори за градбите од проектот „Скопје 2014“ или се свесно уништени, или украдени за веројатно да се скрие злоупотребата на огромните суми народни пари, обвинија вчера од опозициската СДСМ. Според нивни сознанија, поголемиот дел од тендерската документација врзана со контроверзниот владин проект исчезнала уште во почетокот на август годинава. Недостасувале 14 тендерски документации, при што за дел од нив ги немало понудите, а за другите, пак, конкурсните трудови, како клучни документи за конечниот избор и вредноста на тендерите.
Оценувајќи го случајот како мегаафера, Игор Ивановски од СДСМ вчера ја повика министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, да ја информира македонската јавност како е можно да се случи таков скандал.
„Во Министерството за култура или некој свесно ја уништил документацијата или ја украл за да скрие поголем дел од доказите за милионските тендери за ‘Скопје 2014‘. Мотив за тоа, веројатно, е злоупотребата на огромните суми народни пари. Самиот факт што за овој случај цели се молчи цели три месеци и се држи во најголема тајност од страна на владините институции, говори за каква мегаафера станува збор. На сите им станува јасно дека ‘Скопје 2014‘ е класична портокалова пералница за пари“, потенцираше вчера Ивановски.
Директно прозваната министерка Канческа-Милеска вчера не одговори на обвинувањата поради службеното патување во Украина, а до затворање на весникот не добивме реакција ниту од нејзиниот кабинет. Меѓутоа, експресна реакција стаса од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Без директен одговор на прозивките од опозицијата за владиниот проект, од владејачката партија потенцираа дека пресот на Игор Ивановски е базиран на шпекулации, со цел, како што рекоа, „да се оттргне вниманието на јавноста од вистинската афера, од големиот скандал ’Надеж‘, во кој лично е вмешан претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски.
Инаку, случајот што го отвори вчера СДСМ уште толку ги подгреа реакциите врзани со владиниот проект што се реализира без никакви пречки, а во меѓувреме ја подели јавноста, и обичната и стручната. Додека едни ги оправдуваат градбите, други ги квалификуваат како естетски несоодветни и премногу скапи. Владата, како главен носител на „Скопје 2014“ го реализира замисленото без застој.
Инаку, досега ниту еднаш не излезе со конкретни бројки на потрошени суми за секоја градба одделно. Општината Центар, пак, неодамна под притисок на јавноста обелодени само некои од договорите, најголем дел од нив склучени од пред речиси година и половина. Математиките на тие зделки, како што посочуваа од СДСМ, ги надминувале владините проекции дека „Скопје 2014“ ќе чини 80-тина милиони евра. Според опозицијата, вредноста на контроверзниот проект ќе достигне неверојатни 200 милиони евра. |