Вторник најцрн ден за возачите
Во изминатите шест месеци на овој ден се случиле најмногу сообраќајни несреќи
Вторник е кобен ден за возачите, бидејќи на овој ден во изминатите шест месеци се случиле најмногу сообраќајни несреќи. Според статистиката на МВР, од вкупниот број незгоди во првите шест месец годинава - 1.696, во вторник се случиле 258. Најчеста причина за сообраќајките се преголемата брзина, непочитување на правилата за првенство на минување и непрописни и невнимателни движење и свртувања.
Според податоците на МВР, годинава бројот на сообраќајки е во пад од 13 отсто, односно од 1.958 несреќи во истиот период лани, годинава се случиле 1.696. Во пад е и бројот на загинати оваа година, загинале 56 лица за разлика од 80 лица лани. Скопје и годинава е со најголема црна бројка, со 819 сообраќајки, 22 загинати и 1.199 повредени. Потоа, следуваат Прилеп и Струмица. За разлика од овие градови, во Крушево и во Македонски Брод не се случила ниту една сообраќајна несреќа.
Најголем број од загинатите во сообраќајни несреќи се пешаци, а потоа возачи на автомобили, мотоциклисти и велосипедисти. Статистички, март е најцрниот месец, додека по него следуваат мај и април. По денови, по вторник како најнесреќен, следуваат среда со 251 и понеделник со 244. Најбројни се судирите меѓу две возила во движење, а такви во полициските билтени има регистрирано 937 незгоди, потоа бројни се и несреќите во кои жртви се пешаците - 399, додека во 201 незгода дошло до излетување на возилата од патот. (Ј.К.) |