САД и' се закануваат на Сирија со санкции
Нови убиства на цивили во сириските градови, војската пак излегува на улиците. Режимот во Дамаск останува без поддршка и од своите пријатели
АМАН, ХАМА - Сириските сили убија најмалку 17 луѓе во напади во близина на либанската граница и во сунитската внатрешност на земјата, јавуваат активисти, водејќи воена кампања за задушување на уличните протести против претседателот Башар Ал-Асад. Силите на Асад ги интензивираа нападите врз градови и помали места низ земјата од почетокот на муслиманскиот месец на рамазански пост за да го задушат се' поголемото незадоволство против владејачкото семејство, од малцинската секта Алавит во Сирија, покрај заканите за нови американски санкции и повици од Турција, моќниот северен сосед на Сирија, и од арапските земји, за запирање на нападите.
Активистите и поборниците за човекови права јавија дека 11 цивили, меѓу кои една жена и дете, биле убиени во четвртокот кога единиците поддржани со тенкови упаднаа во Кусер, 135 км северно од Дамаск, по протестите во текот на ноќта со кои се бараше отстранување на Асад. Во градот Хомс во близина, активистите јавија дека три лица биле убиени во нападот во текот на ноќта врз станбениот кварт Бјада по протестите во градот.
Сириските власти ги отстранија најнезависните новинари откако почна петмесечниот бунт, така што е тешко да се проверат информациите на теренот. Во источниот дел, војниците и припадниците на страшното воено разузнавање, поддржани со тенкови и оклопни возила, ги проширија нападите во Деир Ал-Зор, главен град на провинцијата што произведува нафта и граничи со сунитската територија на Ирак.
Американската државна секретарка, Хилари Клинтон, изјави дека она што е неопходно за да се притисне Асад е да се санкционира индустријата за нафта и гас на Сирија. Таа ги повика Европа и Кина, главни странски фактори во енергетскиот сектор на Сирија, да се приклучат кон предложените санкции во тој сектор. Нафтената индустрија на Сирија, поврзана со владејачкото семејство, генерира најголем дел од цврстата валута за државата, со производство од 380.000 барели сурова нафта дневно.
На прашањето зошто САД се' уште не побарале Асад да се повлече, Клинтон изјави дека Вашингтон сака други земји да го искажат нивното мислење.
САД беа „многу јасни“ во изјавите за загубата на легитимитетот на сирискиот претседател Башар Ал-Асад, рече Клинтон, се дознава од извадоците од интервјуто за Си-Би-Ес, еден ден откако Вашингтон воведе санкции за најголемата банка на Сирија и за најголемата мобилна телефонска компанија во Сирија, контролирана од роднината на Асад, Рами Маклуф.
Амбасадорот на САД во Дамаск, Роберт Форд, претходно ја предупреди Сирија дека се можни нови американски санкции ако властите не прекинат со употреба на насилство. Американскиот претседател Барак Обама и турскиот премиер Таип Ердоган разговараа во четвртокот и се согласија за барањата на Сиријците дека мора да се оствари транзиција кон демократија, соопшти Белата куќа.
Хама е местото каде што се случи масакр во 1982 година, кога единиците лојални на таткото на Асад, починатиот претседател Хафез Ал-Асад, го зазедоа градот за да ги уништат исламските бунтовници, убивајќи повеќе илјади луѓе. Во Хама, во четвртокот, главните улици беа празни, излозите и повеќето продавници затворени по еднонеделниот воен напад за задушување на протестите во градот што стана симбол на отпор против Асад.
Еден ден откако властите најавија дека војската се повлекла, по строгите мерки во кои активистите јавија дека биле убиени голем број луѓе, се чини дека силите на Асад имаат целосна контрола. Не се забележуваа тенкови, но вооружени, униформирани лица стоеја на покривите, војници беа распоредени на неколку контролни пунктови во градот, а покрај резиденцијата на гувернерот на централниот плоштад беа поставени две воени возила со автоматско оружје.
Неколку жители, чии коментари сириските претставници ги преведуваа за турските новинари, јавија дека војската влегла откако градот бил заземен од групи што ги блокирале улиците и палеле државни згради. Но, извор што беше маскиран и му беа видливи само очите, имаше поинаква порака. „Гледате, ние немаме оружје, но тие не напаѓаат со тенкови и авиони. Му порачувам на претседателот Асад дека, иако ќе биде тешко, ќе ве собориме од власт“, рече тој.
Европските членови на Советот за безбедност на ОН ја предупредија Сирија дека би можела да се соочи со построги мерки од ОН доколку Асад продолжи со силните напади врз демонстрантите, а Русија побара Дамаск да ги спроведе ветените реформи колку што е можно поскоро. Но, Русија и Кина, двете со право на вето во Советот, со поддршка од Индија, Јужноафриканската Република и од Бразил, жестоко се спротивставија на идејата за воведување санкции на ОН за Дамаск, додека западните дипломати сметаат дека тоа би бил логичен следен чекор. (Ројтерс) |