Тешки денови за Дејвид Камерон
Британскиот премиер е под притисок поради плановите да ги намали финансиите за полицијата
ЛОНДОН - Британскиот премиер Дејвид Камерон е под се' поголем притисок да се откаже од плановите за намалување на финансиите за полицијата, како дел од владините мерки на штедење, по најголемите грабежи и нереди низ децениите што ги зафатија градовите низ Англија. Лидерот на Конзервативната партија изјави дека „разулавените малолетници“ ќе бидат прогонувани и казнети и ја обвини полицијата за нивната првична реакција.
Велика Британија е поделена околу причината за грабежите и подметнатите пожари, но многумина стравуваат дека какво било намалување на бројот на полицијата како дел од мерките на владата за длабоко намалување на јавните трошоци би ја оставиле земјата изложена во случај да се појават нови проблеми. Лидерите на заедниците и некои коментатори сметаат дека сиромаштијата, невработеноста и чувството на исклученост кај многу млади луѓе не може да се игнорира, а намалувањата во јавниот сектор веројатно најтешко ќе ги погодат најсиромашните во општеството.
Ед Милибанд, лидер на опозициската Лабуристичка партија, не ги обвини планираните намалувања на владата директно за насилството, но изјави за Би-Би-Си: „Намалувањата што се прават се многу лоши за нашето општество“.
Камерон смета дека за насилството се виновни малолетни опортунистички криминалци и недостатоците на општеството. „Кога постојат длабоки морални неуспеси, тие не се решаваат со ѕид од пари“, изјави тој пред парламентот на вонредната дебата.
Полициските началници не беа импресионирани од критиките на Камерон за првичната реакција на полицијата. „Полицијата се соочи со невидена ситуација, уникатни околности“, рече Хју Орд, претседател на Здружението на главни полициски офицери. Орд рече дека се потребни „искрени разговори“ со владата во врска со нејзините планови за трошоците. „Тоа е намалување од 20 отсто во сегашниот период на трошење што ќе доведе до помал број полицајци, тоа треба да ни биде многу јасно“.
„Настаните од последните неколку дена се целосно потсетување за сите нас дека полицијата на нашите улици се грижи за безбедноста на нашите заедници и овозможува јавноста да се чувствува побезбедно“, изјави Милибанд пред парламентот.
Британците беа запрепастени од сцените на улиците, од телевизиските снимки на напад и ограбување на претепан малезиски тинејџер од страна на луѓе кои се претвараа дека му помагаат, до жената од Полска фотографирана како скока од зграда што гори. Шеесет и осумгодишен човек, кој беше нападнат додека се обидуваше да изгаси оган, подметнат од учесниците во безредијата во Лондон, во понеделникот ноќта почина од повредите, јавија вчера официјални претставници. Полицијата започна истрага за убиство.
Обемот и бруталноста на безредијата - не само во централниот дел на градот, туку, исто така, во некои предградија од средната класа - го уништија имиџот на Велика Британија како цивилизирано и мирно општество. Социјалните тензии во Велика Британија се во пораст некое време, при што економијата се бори да се извлече од 18-месечната рецесија, секој петти млад човек е без работа, а високата инфлација ги исцедува приходите и најтешко ги погодува сиромашните. Некои од ограбувачите зазедоа став против „системот“ и го посочија неодамнешниот скандал со лажни побарувања за трошоци на законодавците и огромните бонуси што им се плаќаат на банкарите.
Моралот на полициски сили во Лондон опадна поради загубата на нивниот лидер и други високи претставници последниве недели, како последица од тврдењата за телефонско прислушување и подмитување во британските весници на Руперт Мардок. (Ројтерс) |