МВР не доставува битни докази за убиството кај ПМФ
Иако судењето на четворицата обвинети за убиството на припадникот на „алфите“, Африм Арифи, на паркингот кај ПМФ е пред самиот финиш, се' уште е неизвесно дали за две недели ќе има завршни зборови или пред судот ќе бидат презентирани нови докази што ги побара одбраната.
На вчерашното судско рочиште претседателот на Судскиот совет, судијката Добрила Кацарска, информираше дека судот има доказ, со кој се потврдува дека полициската станица „Гази Баба“ и СВР Скопје ги примиле барањата на судот да ги достават доказите што ги обезбедиле во првите 48 часа од истрагата за случајот, но дека оттаму нема одговор. Поради тоа беше одложено рочиштето, со ветување дека судот ќе испрати уште една ургенција до полицијата.
Како што е веќе познато, еден од бранителите на обвинетите побара судот да ги обезбеди сите докази што ги обезбедила полицијата во првите 48 часа од истрагата, пред да бидат приведени осомничените. Според нив, недозволиво е полицијата најнапред да обезбеди докази, а потоа да ги ослободи приведените за, по само два дена, повторно да приведува лица за убиството на Африм Арифи. Припадникот на „алфите“ беше застрелан на 28 ноември 2008 година кај Природно-математичкиот факултет во Скопје, а двајца негови колеги беа ранети.
Направените ДНК анализи, парафинската ракавица, како и отпечатоците кои биле земени, според алузиите на одбраната, може да зборува за докази кои можеле да им бидат „напакувани“ на сега обвинетите. За одбраната е нејасно како е можно по толку време да не се знае идентитетот на уште две лица, кои како непознати, фигурираат и во самиот обвинителен акт. За убиството одговараат Реџаиљ Ќерими од Липково, Агим Ислами од Скопје, недостапниот Алмир Дрпљанин и Рамадан Шакири од Арачиново. (Љ.С) |