Исчезна уште едно дете во Куманово
Граѓаните стравуваат дека децата исчезнуваат поради трговија со органи
Столе Божиновски
КУМАНОВО - Ромската населба Средорек во Куманово, од завчера попладне повторно е на нога: исчезна петгодишната Мирсада Хелдовиќ и тоа неполни 15 дена од исчезнувањето на четиригодишниот Дани Мемеди, кој живееше во истата населба. Граѓаните се вознемирени и нервозни. Откако надлежните стручни екипи детално го пребараа целото корито на реката Кумановка во потрага по малиот Дани и не најдоа никаква трага или знак дека детето се удавило, меѓу роднините и останатите жители завладеа убеденост дека момчето е киднапирано и однесено, а дополнителни сомнежи дека некој ги краде децата и ги продава поради трговија со човечки органи, подгреа завчерашното исчезнување на петгодишната Мирсада. Во тоа е убеден и нејзиниот татко Насер Рамадани.
„Тешко дека некој ќе не убеди дека децата не ни се украдени и продадени‘‘, во очај изјавуваат роднините на малечката Мирсада. Тие не веруваат дека децата се удавени во река, особено што и самите ја пребарале секоја педа од реката и не успеале да го пронајдат малиот Дани.
Според нив, завчерашниот случај само ја подгрева тезата дека некој ги демне децата во Средорек и во поволен момент ги краде, особено што куќата во која живее малечката Мирсада е оддалечена околу 500 метри од брегот на реката и, како што тврдат нејзините родители, никогаш не се оддалечила од дворот. Мирсада има уште две братчиња, а семејството Рамадани очекува четврто дете. Како и најголем број од семејствата во оваа населба, и семејството Рамадани живее, главно, од социјална помош.
Жителите тврдат дека изминативе денови бил забележлив црн џип со бугарски регистарски таблички и се сомневаат дека возилото има врска со исчезнувањето на децата.
Граѓаните и јавноста се загрижени, особено што изминатиов период беа забележани неколку случаи на исчезнати деца. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, завчера изјави дека полицијата немаа индиции дека исчезнатите деца би можело да бидат жртви на трговија со органи.
„Во конкретните случаи на исчезнати деца немаме апсолутно никакви сознанија што би водело во таа насока. Сепак, како надлежно Министерство што работи на откривање на овие лица, ние и натаму продолжуваме со анализа и должни сме сите да ги провериме можни информации. Доколку се јават и таков тип сознанија, секако, дека ќе бидат разгледани, односно ќе бидат преземени мерки според тие сознанија“, изјави тогаш министерката Јанкулоска.
Речиси еден месец нема никаков абер од осумгодишниот Митат Ибраими од скопското село Средно Коњаре, за кого постојат сомневања дека се удавил во реката Пчиња, но неговите блиски стравуваат дека момчето е грабнато. По четиригодишниот Дани Демиров од Средорек, за кого се претпоставува дека се удавил во реката што поминува само еден метар покрај куќата, трагаа сите во Средорек, но потрагата се' уште не даде плод.
Полицијата шест месеци ја бараше и шестгодишната Ангела од прилепското село Дуње. Коските на починатото дете беа пронајдени на околниот рид. Причините за нејзината смрт - се' уште не се знаат. |