Ребалансот нема да ги загрози проектите
Со претстојниот ребаланс буџетот на Министерството за образование и наука нема да претрпи сериозни кратења и за разлика од другите институции ќе остане најмалку засегнат, изјави ресорниот министер Никола Тодоров одговарајќи на новинарски прашања. МОН, како што додаде тој, почна крупни и долгорочни реформи и проекти, како бесплатни учебници за сите ученици, проектот за превод на 500 стручни книги, проектот за лаборатории..., кои нема да бидат загрозени. Министерот уверува дека ребалансот нема да ја загрози ниту исплатата на студентските стипендии и кредити, која доцни неколку месеци. Тодоров и вчера го повтори ставот дека во наредната учебна година ќе биде надминат проблемот со учебниците од оваа година, бидејќи е изработен посебен систем за електронска апликација, со што МОН ќе има точни податоци за бројот и видот учебници шт�� се потребни во сите училишта во земјава. До крајот на идната недела МОН ќе потпишува договори со авторите на учебниците зашто ја презема одговорноста за нивен издавач. Оваа година ќе ги печати и учебниците за петто и за осмо одделение, како и учебниците на јазиците на помалите етнички заедници. „Годинава ќе успееме да им излеземе во пресрет и на потребите на училиштата од помалите заедници, како што се влашката, српската и бошњачка заедница, кои претходните години немаа можност да имаат учебници“, рече министерот Никола Тодоров. (П.Р) |