Одбележана годишнина од смртта на Ченто
ПРИЛЕП - По повод 52-годишнината од смртта на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, вчера пред неговиот споменик во центарот на Прилеп, венци и цвеќиња положија делегации на локалната самоуправа, политички партии, членови на семејството и граѓани. На чествувањето присуствуваше ќерката на Ченто, Марија Јакимоска, која рече дека конечно се надминува фобијата од името Методија Андонов.
„Сметам дека Ченто почнува да го зазема местото што му припаѓа. Но, се' уште постои страв од максимално признавање. Еве, господата од боречката организација не дојдоа на одбележувањето“, изјави Јакимоска.
Не присуствуваше и синот на Ченто, кој живее во Скопје, а е претседател на Фондацијата што го носи неговото име.
„Фондацијата ќе заживее тогаш кога ќе ни биде исплатена отштета“, додава Јакимоска. Според неа, државата доволно направила за рехабилитацијата на нејзиниот татко. Таа вели дека спомениците сите ги носиме во себе, дека е доволно внимание и почит за да се зачува големината на неговото дело.
„Кога би бил жив Ченто би имал многу забелешки за меѓусебното плукање на Македонците. Ние не успеавме сите овие години да создадеме единство и навистина да настапиме за својата земја, така како што е потребно. Мислам дека теснопартиските интереси понекогаш ги надминуваат државните, што не е в ред“, заклучува Јакимоска. Инаку, Ченто в затвор поминал околу 20 години, а негова главна карактеристика била скромноста. (Мн.Т.) |