На Онкологија се дели терапија по мерка на раководството?!
Компјутерскиот систем за следење на патот на лекот не функционира во целост
Јасмина Јовановска
На Клиниката за онкологија, според лекарски извори, на болните им се дели терапија по мерка на раководството. Компјутерскиот систем за следење на патот на лекот од негово препишување до аплицирање, за чие инсталирање беа потрошени околу еден милион денари, како што дознаваме, не функционира во целост. Со ова се отвора можност за менување на количините на лековите, но и на видот на цитостатиците, велат неофицијални извори на клиниката. А, дека се менува терапијата на болните, потврдуваат и реакциите на неколку пациенти. Тие велат дека откако лекарот им ја препишал терапијата, се случило да бидат повикани во директорскиот кабинет за да им се каже дека лекот го нема или дека место препишаниот, треба да примат друг цитостатик.
„Ова и' се случи и на мојата сопруга, која имаше рак на дојката. Но, откако направив инцидент и се заканив дека ќе се жалам до Министерството за здравство, веднаш и' беше дадена терапијата која и' ја препиша лекарот“, објаснува револтираниот сопруг, кој не сакаше да го открие својот идентитет за да немаат проблеми при наредните терапии.
Ваквата ситуација на Онкологија, да се нема целосен увид кои цитостатици се препишуваат, а кои им се даваат на пациентите, за некого е повеќе од добредојдена, зашто, според добрупатени извори, следуваат тендерите за цитостатици.
Од Клиниката за онкологија и радиологија, пак, тврдат дека немаат недостиг од лекови, токму поради функционирањето на компјутерскиот софтвер за хемотерапија. Но, не се открива дали тој работи во целост, туку само дека „во моментот ги задоволува потребите на клиниката“, се вели во писмениот одговор на директорката на Клиниката за онкологија и радиологија, д-р Симонида Црвенкова, која и покрај тоа што ја баравме за објаснување, немаше време да не' прими, па излезе со соопштение. „Со системот, во секој момент може да се добие увид каде е издаден, во која дневна болница и на кој од постојните девет оддели и во колкави количини“, е објаснувањето дека, сепак, се има увид на потрошувачката на цитостатиците.
Лекари��е од клиниката, пак, велат дека се има увид врз цитостатиците, но само за клиничката аптека, колку лекови се примени и издадени. Но, тоа е стариот систем, а од новиот за кој се залагаше Министерството за здравство нема ништо. „Се' уште ниеден компјутер на лекарите не е во мрежа за да се види кои цитостатици ги има во аптеката и дали тоа што го препишал му е аплицирано на болниот“, реагираат дел од лекарите на клиниката.
На забелешката дека се менувала терапијата на пациентите, директорката д-р Црвенкова вели дека сите скапи лекови се реферираат и се одобруваат од Стручниот колегиум и врз база на тие податоци се вршат нарачките. Но, доколку некој лек го нема, клиниката се оградува, дека тоа не е по нивна вина, туку поради проблеми во производството на лекот или, пак, проблеми во дистрибуцијата. За лекарите, пак, Стручниот колегиум е само формалност. |